Во случајот 16 лица беа правосилно осудени на затворски казни кои се движеа од 7 до 16 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста
Врховниот суд ги одби барањата за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „27 април“ со што практично ги потврди одлуките што претходно ги донесоа Основниот кривичен и Апелацискиот суд во Скопје.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда Квп.Кок2. Квп бр.14/22 со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.40/18 од 15.03.2019 година и на пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.39/19 од 12.02.2021 година, ги одби како неосновани“,
соопштија од Врховен.
Седницата во највисокиот суд траела два дена, почнала на 26 април, а продолжила денеска, кога и била донесена одлуката.
Одлуката се однесува за најобемниот судски процес што се водеше во врска со насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, а со кој на затворски казни за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беа осудени 16 лица.
Највисока казна има тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков – 16 години затвор, а осудени се и други вработени во МВР, лица од патриотските здруженија кои беа дел од тогашните протести пред Собранието, како и дел од лицата кои упаднаа во законодавниот дом.
Правосилно осудени се:
- Митко Чавков – 16 години затвор;
- Митко Пешов – 13 години затвор;
- Душко Лазаров – 13 години затвор;
- Горан Ѓошевски Леви – 13 години затвор;
- Оливер Поповски – 11 години затвор;
- Оливер Радулов – 9 години затвор;
- Мунир Пепиќ – 13 години затвор;
- Абдуљфета Алими – 6 години затвор;
- Младен Додевски – 11 години затвор;
- Јане Ченто – 13 години затвор;
- Горанче Анѓеловски – 11 години затвор;
- Игор Југ – 11 години затвор;
- Влатко Трајковски –14 години затвор;
- Вилијам Михајловски – 13 години затвор;
- Никола Митревски – Кољо – 14 години затвор;
- Александар Василевски – Нинџа – 7 години затвор.
Во овој предмет, покрај сега правосилно осудените, беа опфатени уште 15 лица. Меѓутоа, тие добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието во декември 2018 година.
Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.
Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која сега ја потврди и Апелација.
Со амнестијата се спасија и: браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Пред пониските судови, пак, се уште се наоѓа предметот во јавноста познат како „Организаторите на 27 април“. Таму обвинети се: поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. И тие се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
За случајот во Основниот кривичен суд Скопје јули 2021 беше донесена првостепена пресуда со која Вељаноски, Ристовски и Јанакиески добија по 6 години и 3 месеци затвор, а Атанасовски на 6 години затвор. Меѓутоа, Апелација на 3 април годинава соопшти дека одлучила да ја укине оваа пресуда и да го врати предметот на повторно судење.
Инаку, во предметот за „Организаторите на 27 април“, во рамки на истрагата беа опфатени и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ескразузнавачот Никола Бошковски. Меѓутоа, за нив не беше покренато обвинение бидејќи двајцата се во бегство и беа недостапни за органите на прогонот.