Највисокиот суд во земјава го одби како неосновано барањето на возачот што ја прегази 22-годишната Фросина за преиспитување на пресудата, со што практично се потврдува одлуката на Апелацискиот суд за 13-годишна затворска казна
Врховниот суд го одби како неосновано барањето на Васил Јованов за вонредно преиспитување на правосилната пресуда со која е осуден на 13 години затвор поради прегазувањето на младата Фросина Кулакова во јануари минатата година на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Во соопштението објавено на веб-страницата на Судот се наведува дека одлуката е донесена по одржана седница на советот на 11 март годинава, со што практично се потврдува 13-годишната затворска казна за Јованов.
„Врховниот суд донесе пресуда со која се одбива како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено од осудениот В. Ј. преку неговиот бранител, против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 13.05.2025 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје од 27.10.2025 година, со која е огласен виновен за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и осуден на казна затвор во траење од 13 години“,
се наведува во соопштението на Врховниот суд.
Васил Јованов првостепено беше осуден во мај минатата година кога Основниот кривичен суд Скопје му одреди казна затвор од 12 години за прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова. Покрај затворската казна, Кривичен му изрече и забрана за управување возило од пет години и парична казна.
Пет месеци подоцна, во октомври лани, Апелацискиот суд ја зголеми казната за Јованов на 13 години затвор.
