Во краткото соопштение на Врховен не е наведено како највисокиот суд на државата се изјаснил по однос на даденото, а потоа повлечено помилување од експретседателот Ѓорге Иванов. Се очекува Врховниот суд следните денови да го објави образложението на пресудата во кое, како што велат од судот за „360 степени“, ќе има и одговор за правното прашање со помилувањата
Останува седумгодишната затворска казна за поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, од ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Транспортер“ поврзан со злоупотреби со ученички превоз.
Ова доаѓа откако Советот за казниви дела при Врховниот суд на седница која се одржала денеска донел пресуда со која го одбил како неосновано барањето на Талески и екссекретарот на Општината, Слободан Бончановски, за вонредно преиспитување на правосилноста на првостепената пресудата на Основниот кривичен суд Скопје и пресудата на Апелацискиот суд Скопје. Со двете пресуди, двајцата поранешни локални функционери беа осудени на повеќе години затворски казни во случајот „Транспортер“ што го отвори сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 26.06.2023 година одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот КВП-КОК2 бр.6/23 познат во јавноста како `Транспортер`. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда по предметот КВП-КОК2 бр.6/23 со која барањата на осудените В. Т. и С. Б. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, ги одби како неосновани, а барањето на осудениот Ѓ. Т. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, го отфрли како недозволено“,
се наведува во краткото соопштение на Врховниот суд, објавено на неговата веб-страница.
Инаку, поранешниот градоначалник на Битола, како еден од обвинетите во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на службената положба и овластувања во врска со организирањето на ученички превоз, беше првиот кој поднесе апликација до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур поврзана со предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Апликацијата во Стразбур стигна во ноември 2017 година, а по неа истиот месец почнаа да се редат апликации и од поранешниот градоначалник на Пустец, Албанија, Едмонд Темелко, па од експремиерот Никола Груевски, ексминистрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, ексшефот на кабинет на директорот на УБК, Тони Јакимовски, а во јуни 2018 година евидентирана беше и апликацијата од неговиот шеф Сашо Мијалков.
Основа за да се обратат до Стразбур беше одлуката на тогашниот претседател Ѓорге Иванов да ги помилува – која подоцна тој ја повлече. Апликациите ги поднесоа жалејќи се дека се прекршени два члена од Европската конвенција за заштита на човековите права: членот 5 кој се однесува на правото на слобода и безбедност и членот 6 кој се однесува на правото на правична судска постапка.
Поранешните функционери, всушност, настапија со тезата дека еднаш дадено помилување не може да биде повлечено.
Чекаа речиси пет години, за на 16 февруари годинава ЕСЧП да се произнесе дека нивните жалби се недопуштени бидејќи не се исцрпени сите домашни правни лекови.
Во меѓувреме, односно на 6 јануари, адвокатот на Талески, Димитар Дангов до Врховниот суд поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда во кое како еден од своите аргументи го наведува помилувањето од поранешниот претседател Иванов. Барањето преку Основниот кривичен суд Скопје во Врховен пристигна на 22 март годинава.
„Меѓу другите правни основи за поднесување на овој вонреден правен лек, истакнат е основот за немање на правна можност за кривично гонење на господинот Владимир Талески во овој предмет поради даденото помилување од страна на претседателот на државата во текот на 2016 година. При изнесување на овој правен основ наведени се сите правни аспекти кои произлегуваат од примената на правниот институт помилување подведени на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, со посебен осврт на сите донесени пресуди на судот во Стразбур, како и на пресудата на Врховниот суд на Грција донесена во постапка за екстрадикција на лица кои се помилувани на ист начин и поради постоење на идентична правна пречка за кривично гонење беше одбиено барањето за нивна екстрадикција“,
изјави адвокатот на Талески, Димитар Дангов, за „360 степени“ на 22 март.
Одлуката од Стразбур, како што изјави тој тогаш, значи дека треба да се донесат одлуки од домашните судови во прв, втор и трет степен, односно Основниот кривичен суд, Апелација и Врховен што значи дека Врховниот суд е последниот што треба да се произнесе.
Во краткото соопштение на Врховен не е наведено како највисокиот суд на државата се изјаснил по однос на даденото помилување.
Се очекува Врховниот суд следните денови да го објави образложението на пресудата во кое, како што велат од судот за „360 степени“, ќе има и одговор за правното прашање со помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Сепак, она што произлегува е дека со пресудата Талески ги искористи сите домашни правни лекови во врска со неговиот случај, што повторно му ги отвора вратите да се обрати, доколку има таква намера, до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.