Од Судскиот совет, пак, велат дека сè уште не ги добиле одлуките од Врховниот суд, но нагласуваат дека според досегашната пракса постапките за разрешување на судиите повторно се повторува во комисиите во советот чиј одлуки потоа ќе бидат конечни
Врховниот суд неделава усвоил три жалби на судии кои Судскиот совет ги разреши, меѓу кои и на врховниот судија Стојанче Рибарев. Другите двајца судии се од Апелацискиот суд во Штип, Сузана Здравева и Зоранчо Мицевски.
Жалбите на Здравева и на Мицевски биле усвоени на седници на Советите за одлучување на жалби при Врховниот суд на 29 ноември (во понеделникот), додека таа на Рибарев на седница што се одржала на 1 декември (во средата).
Во трите поединечни соопштенија од Врховниот суд не се наведени причините поради кои се усвоени жалбите, туку она што е наведено во сите три случаи е дека советите за одлучување ги уважиле жалбите на тужителите, а решенијата на Судскиот совет го укинале.
Од Судскиот совет, пак, велат дека сè уште не ги добиле одлуките од Врховен, но нагласуваат дека според досегашната пракса, постапките за разрешување на судиите повторно се повторува во комисиите во советот чиј одлуки потоа ќе бидат конечни.
„Судскиот совет сè уште ги нема добиено одлуките на Врховен суд кои се однесуваат на два предмета, а со кои се опфатени тројца судии, и не ја знаеме содржината на образложенијата, односно немаме податок дали се укинати само одлуките за разрешување на судиите или се укинати и решенијата за суспензија. Како и да е, според Законот за судски совет, откако ќе пристигнат одлуките на Врховен суд, а праксата вели дека одлуките стигаат за неколку седмици, постапките за судиите ќе бидат повторени од страна на комисиите формирани во Судскиот совет, а потоа новите одлуки ќе бидат конечни“,
вели портпаролот на Судскиот совет Љубиша Арсиќ.
Рибарев, Здравева и Мицевски беа разрешени на иста седница на Судскиот совет која се одржа на 14 јули годинава. Тогаш оттаму соопштија дека судиите се разрешуваат поради „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.
Кој е Стојанче Рибарев?

Најзвучно име од тројцата судии е Рибарев. Тој ја почнува кариерата во 1987 година, како волонтер во Окружниот стопански суд во Штип. Две години подоцна е вработен како правник. По положувањето на правосудниот испит, продолжува да работи како секретар на судот.
Во 1996 година е избран за судија во Основниот суд во Штип и работи на граѓанска материја. Неполна година подоцна напредува во претседател на Основниот суд во Штип. Веќе во 2000 година, или само четири години по изборот за судија, станува член на Судскиот совет. Во 2002 е избран за судија во Апелациониот суд во Штип а во 2008 година станува и негов претседател. За судија во Врховниот суд е избран во 2016 година, по 14 години поминати во штипска апелација.
Неговото име беше експонирано во јавноста во 2017 година. Тогаш, судскиот совет го назначи за в. д. претседател на Основниот суд Скопје 1, само три месеци пред СЈО да ги поднесе своите обвиненија. Рибарев издржа само шест месеци на позицијата од која самиот даде оставка. Непосредно пред таквиот чекор СЈО направи претрес во судот за (зло)употребата на АКМИС и за делењето предмети на рака во времето на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски.