Поради високите температури, од Министерството за здравство излегоа со препораки да се престојува во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот, да се внесуваат доволно течности, да се избегнуваат алкохол и засладени пијалоци, како и за носење лесна, светла облека и користење заштита за глава и за очи
Топлата воздушна маса од југ, под чие влијание е земјава, денеска се очекува да донесе сончево и уште потопло време, а високите темептратури, според синоптичарите, ќе продолжат и во текот следните денови. Поради високиот УВ-индекс и ризикот од топлотни бранови надлежните институции излегоа се препораки за заштита од високите температури кои особено се однесуваат на ранливите категории граѓани.

Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска во земјава се очекува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северозападне правец. Попладне, како што објавија од Управата, ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен дожд и грмежи.
Утринската температура се движи во интервал од 13 до 20 Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од 29 до 39 степени. УВ-индексот ќе изнесува девет.
Во Скопје денеска, исто така, ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до 39 Целзиусови степени.
Сончево и многу топло, според Управата за хидрометеоролошки работи, ќе биде и во текот на претстојната работна седмица, дневните температури на повеќе места ќе надминат 35 Целзиусови степени, а наместа живите во термометрите ќе се искачат и до 40 степени.
Поради високите температури, од Министерството за здравство излегоа со препораки да се престојува во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот, да се внесуваат доволно течности, да се избегнуваат алкохол и засладени пијалоци, да се носи лесна, светла облека и да се користи заштита за глава и за очи, да се избегнува физичка активност во најтоплите часови од денот, да се посветува внимание на децата, старите лица и оние со хронични заболувања, како и на бремените жени.
Дел од препораките се и одложување на активностите на отворено за време на најтоплите делови од денот.
Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс веднаш да се побара медицинска помош.