Под влијание на нов влажен бран, во деновите од викендот ќе има врнежи од дожд, проследен со грмежи и засилен ветер, а дневните температури ќе бидат во опаѓање

Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Во текот на денот, како што се наведува во прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Во попладневните часови ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Утринската температура ќе биде од 6 до 13 Целзиусови степени, а дневната од 16 до 28 степени.
И во Скопје времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурата ќе биде од 12 до 27 степени.
За утре се најавува слично време на денешното – променливо облачно и топло со сончеви периоди и со умерен ветер од југозападен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Температурата ќе се искачи до 31 степен.
Под влијание на нов влажен бран, во деновите од викендот ќе има врнежи од дожд, локално во форма на невреме со пообилен дожд од над 30 литри на квадратен метар, проследен со грмежи и засилен ветер. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.