Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно и потопло со повремени локални врнежи од дожд

Променливо облачно време со повремен локален дожд е прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денешниот ден. Во текот на денот ќе дува умерен, а на некои места повремено засилен ветер од јужен правец. Утринската температура ќе биде од 2 до 7 Целзиусови степени, а дневната ќе се движи во интервал од 9 до 15 степени.
Во Скопје, времето денеска ќе биде променливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува и умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Температурата ќе биде од 2 степени наутро до 10 во текот на денот.
За утре синоптичарите најавуваат променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд и со умерен, наместа засилен ветер од јужен правец. Температурата ќе биде од 6 до 12 степени.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно и потопло со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат кон средината на следната недела. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Температурите ќе бидат во пораст, особено утринските кои насекаде ќе бидат над нулата.
