Претседателката оцени дека наместо да се мобилизираат напорите за решавање на итни прашања, како мирот и безбедноста, климатските промени, дигиталната трансформација и растечките нееднаквости, се чини дека се прави чекор назад кон постар светски поредок – оној на Макијавели, Хобс и Клаузевиц, а правилата се заменуваат со моќ
Осумдесет години по основањето, време е за жена генерален секретар на Обединетите нации бидејќи во свет доминиран од силни мажи со оружје, потребни се силни жени со мудрост – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето од меѓународниот „Астана форум 2025“ што се одржува во Казахстан.

На отворањето на форумот, претседателката повика на суштински реформи на светската организација.
„Потребни се суштински реформи – Советот за безбедност на ОН да се прошири, реформира и демократизира за да стане поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, Генералното собрание да го заземе своето заслужено место како главно претставничко тело не само за дебати, туку и за креирање политики, а пресудите на Меѓународниот суд на правдата да станат обврзувачки за сите“,
порача Сиљановска-Давкова во обраќањето од меѓународниот „Астана форум 2025“.
Претседателката оцени дека наместо да се мобилизираат напорите за решавање на итни прашања, како мирот и безбедноста, климатските промени, дигиталната трансформација и растечките нееднаквости, се чини дека се прави чекор назад кон постар светски поредок – оној на Макијавели, Хобс и Клаузевиц, а правилата се заменуваат со моќ.
„Мултилатералниот систем базиран на правила е расцепкан под тежината на растечката мултиполарност“,
порача претседателката.
Додаде дека како претседателка на територијално мала европска земја, верува оти малите, заедно со средните сили, треба да бидат најголемите поддржувачи на ефективниот мултилатерализам со Обединетите нации во центарот. Токму малите и средни нации, ослободени од хегемонистички амбиции, оцени претседателката, можат да понудат морални насоки и иновативно лидерство потребни за ревитализација на мултилатерализмот.
„Ова можеме да го постигнеме со градење мостови, почнувајќи од нашите сопствени региони“,
заклучи таа.