„Мислам дека е добра идеја да го зголемиме нашето учество во НАТО, со цел да имаме потрајно присуство на Арктикот. Кон тоа ќе се стремиме. Мислам дека тоа се совпаѓа и со идејата на американскиот претседател. Имаме исти цели, но не мора да значи исти методи. Сега има можност да ги усогласиме тие работи“, вели данскиот министер

Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, вели дека е време за „соодветни преговори“ со САД за прашањето на Гренланд.
„Во прашање се големи работи“,
рече тој на прес-конференција во Стокхолм.
Ларс Леке Расмусен во врска со најновите случувања во врска со потезите на САД во врска со Гренланд вели дека поминал добар ден и оти ситуацијата е многу подобра.
Леке Расмусен вели дека сега се отворила врата за соодветни преговори со САД и оти затоа е внимателен со своите зборови.
„Значи, мојата мисија, колку и да звучи здодевно, е да избегнам создавање наслови и да го преместам овој разговор во вистинска сала за состаноци“,
вели тој.
Тој додава дека позицијата на Данска е иста како и претходно односно дека има договори меѓу Кралството и САД кои, во принцип, можат да ги задоволат сите американски желби.
Прашан околу тоа дали има детали што се скриени во рамката за договор што го преговараа лидерите на САД и НАТО во средата и што е тоа што Данска е подготвена да стави на маса во преговорите, Леке Расмусен на двете прашања дава кратки одговори.
„Мислам дека е добра идеја да го зголемиме нашето учество во НАТО, со цел да имаме потрајно присуство на Арктикот. Кон тоа ќе се стремиме. Мислам дека тоа се совпаѓа и со идејата на американскиот претседател. Имаме исти цели, но не мора да значи исти методи. Сега има можност да ги усогласиме тие работи“,
додава тој.
Американскиот претседетал Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте имаа средба на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, која американскиот претседател ја оцени како многу продуктивна.
Руте рече дека прашањето за сопственост на САД врз Гренланд „не се споменало“ за време на неговиот состанок со Доналд Трамп во Давос. Тој вели дека не го гледа новиот став на американскиот претседател како „пресврт“.
Руте вели дека со американскиот претседател разговарале за тоа што е неговата идеја и визија, тврдејќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“
Претходно во текот на вчерашниот ден, Доналд Трамп соопшти дека двајцата лидери развиле „рамка за иден договор за Гренланд“.
