Таа на прес-конференцијата со нејзиниот домаќин, Африм Гаши, кажа оти лично смета дека членството во ЕУ не би требало да биде далеку бидејќи, како што рече, влегувањето на државите од Западен Балкан во Унијата не смее да биде придружено со прашања – ако, дали, кога, туку мора да се случи брзо
Нејзиниот македонски колега и домаќин во своето обраќање изрази благодарност до Словенија, исто така осврнувајќи се на непоколебливата поддршка што земјата ја има за нашите аспирации за интеграција во Европската Унија
Време е да ни се придружите во европските интеграции, порача претседателката на Државниот збор на Словенија (словенечкиот парламент), Уршка Клакочар Зупанчиќ, на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши.

Клакочар Зупанчиќ, која од денеска е во официјална посета на земјава, рече дека Словенија останува силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, а на тет-а-тет средбата со Гаши, како што кажа, ги потврдиле одличните односи помеѓу двете држави, што ги одбележуваат пред сè пријателство и заемна солидарност.
„Сакам да потенцирам дека Словенија е континуиран и ангажиран поддржувач на Северна Македонија на патот кон ЕУ и ќе ги нуди своите искуства и поддршка и понатаму. Убедена сум дека притоа секогаш позитивно за проширувањето на регионот ќе биде фактот дека новиот комесар за проширување е од Словенија, г-ѓа Марта Кос. Парламентот на Република Словенија е секогаш подготвен за размена на искуства и вредности. Сето тоа придонесува за поефикасно работење на македонското Собрание на патот кон Европската Унија. Се радувам на денот кога ќе можеме да ја поздравиме Северна Македонија како рамноправна членка на Европската Унија“,
рече претседателката на словенечкиот парламент.
Таа кажа оти лично смета дека членството во ЕУ не би требало да биде далеку бидејќи, како што рече, влегувањето на државите од Западен Балкан во Унијата не смее да биде придружено со прашања – ако, дали, кога.
„Тоа мора да се случи брзо. Посакувам одлуките и решенијата да дојдат што побргу за Република Северна Македонија, бидејќи во Словенија сме свесни дека нè врзува едно заедничко срце и меѓусебно разбирање, пред сè сличната историја, слична површина, сличен број на население, слична борба за националните идентитети и јазик. Време е, г. претседател (Гаши), да ни се придружите во европските интеграции“,
кажа Клакочар Зупанчиќ.

Претседателката на Државниот збор на Република Словенија потенцира дека е поборник на сѐ поголемото значење на парламентарната демократија и оти е убедена дека редовните средби меѓу парламентите ги поттикнуваат и ги развиваат односите.
Нејзиниот македонски колега и домаќин во своето обраќање изрази благодарност до Словенија, исто така осврнувајќи се на непоколебливата поддршка што земјата ја има за нашите аспирации за интеграција во Европската Унија.
„Посебен акцент ставивме на нашите приоритети за евроинтеграциите, каде што ја информирав за реформскиот процес, предизвиците и нашата определба за суштинско отворање на преговорите со Европската Унија. Во тој контекст изразив длабока благодарност до Словенија, која е непоколеблив поддржувач на нашите аспирации за интеграција. Политичкиот придонес како што е процесот Брдо-Бриони и нон-пејперот од 2023 година, како и техничката поддршка на Словенија во зајакнувањето на административните капацитети за усогласување на нашето законодавство со она на Европската Унија ја потврдија успешната соработка меѓу нашите институции и искрената подготвеност на Словенија за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан“,
рече Гаши на прес-конференцијата.

И Гаши потенцира дека на средбата биле потврдени билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Словенија, кои, како што рече, отсекогаш биле силни, карактеризирани со искрено пријателство, повеќедимензионална соработка, безрезервна поддршка и континуирана посветеност за зајакнување на врските меѓу нашите граѓани.
Словенечката претседателка на парламентот попладнево со високи државни и воени почести беше пречекана од претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, по што двајцата одржаа тет-а-тет средба.

Претседателка на Државниот збор на Словенија утре во Собранието ќе има средба со претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонијо Милошоски, и со членовите на групата, а генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, ќе оствари средба со генералната секретарка на словенечкиот Државен збор, Уршула Зоре Тавчар.