„И двете имаат иста цел и треба да бидат комплементарни, инклузивни и да ја почитуваат нашата потрага за усогласување со acquis. Тоа, исто така, би послужило за ставање на напорите на ЕУ, САД и Велика Британија под еден чадор за поддршка на регионот на Западен Балкан како област на слободни и еднакви граѓани”, истакнал Османи
Крајно време е да ги здружиме заедничкиот регионален пазар и Отворен Балкан, истакнал министерот за надворешни работи, Бујар Османи во своето обраќање на состанокот на шефови на дипломатии одржан во рамките на Берлинскиот процес чиј домаќин оваа година беше германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок.

Како што соопшти МНР, на состанокот министрите усвоиле Декларација за имплементација на заедничкиот регионален пазар и потпишување на договорите за признавање на академски квалификации/дипломи, професионални квалификации и патување со лични карти во Регионот.
Во своето излагање, министерот Османи се осврнал на предизвиците со кои се соочува Северна Македонија и на мерките преземени за нивно поскоро решавање. Тој нагласил дека она што се смета за особено важно за нас е, од една страна, иницијативата за Берлинскиот процес да обезбеди поврзаност со ЕУ процесите, но истовремено и да се обезбеди меѓусебна комплементарност преку размена на позитивните искуства на земјите.
„Крајно време е да ги здружиме Заедничкиот регионален пазар и Отворениот Балкан. И двете имаат иста цел и треба да бидат комплементарни, инклузивни и да ја почитуваат нашата потрага за усогласување со acquis. Тоа, исто така, би послужило за ставање на напорите на ЕУ, САД и Велика Британија под еден чадор за поддршка на регионот на Западен Балкан како област на слободни и еднакви граѓани”,
истакнал Османи.
Министерот говорел и за потребата од унапредување на културата на дијалог и културата на изнаоѓање на компромисни решенија како средство за европеизација на земјите од регионот.
„Северна Македонија со потпишување на Договорот од Преспа, Охридскиот рамковен договор и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка може во голема мера да послужи како пример и модел во насока на носење на идни позитивни решенија за надминување на отворените прашања на Балканот, како и за промоција и унапредување на регионалната соработка“,
посочил шефот на македонската дипломатија.

Енергетската криза и потребата од солидарност од земјите членки на ЕУ, заштитата на животната средина и Зелената агенда, како и улогата на граѓанското општество и вклученоста на младите, биле меѓу темите на кои дискутирале учесниците на состанокот.
Берлинскиот процес има за цел изградба на рамка за унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан во насока на достигнување на економски раст и развој, отворена пазарна економија и забрзување на реформскиот напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ.
Претходно попладнево од МНР соопштија дека еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји на средба со министерот за надоворешни работи, Бујар Османи најавил финансиски пакет за регионот во износ од една милијарда евра за ублажување на последниците од енергетската криза.