Министерот за одбрана Владо Мисајловски се осврна на жртвата што ја поднесуваат семејствата на мировниците, нагласувајќи дека ваквите настани служат за премостување на физичката оддалеченост
Во пресрет на новогодишните празници, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска се одржа традиционалното одбележување на претстојниот почеток на новата година. Додека децата на припадниците на Армијата кои се дел од мисиите во странство ги добиваа своите пакетчиња, државниот врв преку видеоврска упати благодарност до војниците распоредени во Косово, Босна и Херцеговина, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и Германија.

Претседателката и врховен командант, Гордана Сиљановска-Давкова, во своето обраќање го истакна значењето на македонскиот придонес кон глобалниот мир во време на големи безбедносни предизвици.
„Се чини дека никогаш на светот мирот не му бил потребен повеќе, а вредноста на нашите мировници и македонската Aрмија никогаш не била повидлива. Ви посакувам успешно да продолжите гордо да ја претставувате Армијата, затоа што имате што да претставите“,
кажа претседателката.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски се осврна на жртвата што ја поднесуваат семејствата на мировниците, нагласувајќи дека ваквите настани служат за премостување на физичката оддалеченост.
„Иако денеска сме физички оддалечени, оваа средба има особена тежина и значење бидејќи нѐ обединува како семејство. Ви благодарам за вашата служба во името на мирот, безбедноста и сигурноста на секој еден од нас“,
рече министерот.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, изрази уверување во професионалноста на контингентите и најави скорашно враќање на дел од нив во татковината.
„Уверен сум дека ја извршувате вашата задача крајно професионално и стојам зад секој од вас. Со вашата енергија давате посебна суштина. Знам дека некои од континентите веќе се подготвуваат да се вратат и верувам дека на самиот праг на старата година ќе имаат можност да се спојат со нивните најблиски“,
рече Лафчиски.
Годинава, македонската Армија значително го зголеми своето присуство во рамките на засиленото истурено присуство на НАТО (eFP), особено на источното крило на Алијансата во Латвија и Романија. Покрај овие мисии, македонските војници продолжуваат да бидат дел и од мисијата на ОН во Либан (УНИФИЛ) и КФОР на Косово, со што земјата го потврдува својот статус на кредибилен партнер во меѓународните мировни операции.
