„ДУИ со спротивставувањето на оваа иницијатива уште еднаш докажува дека е на иста линија со ВМРО-ДПМНЕ кога се во прашање албанските национални проекти“, пишува во денешното соопштение на „Вреди“
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот дека не постојат етнички научни институции, а сè останато, како што кажа, е фолклор и можеби некаков политички маневар
Единствената институција што ја собира научната мисла и научниците од различни етнички заедници во Македонија е Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), и тука почнува и завршува сè, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Неговиот став беше одговор на новинарско прашање дали разговарал со коалциските партнери од „Вреди“ за нивната иницијатива за паралелна академија на науки на Албанците и дали постои некакво решение за ова.
„Ние немаме разлики во коалицијата, имаме една убава атмосфера во овие четириесетина дена, колегијална, атмосфреа на разбирање и можам да кажам дека, како што впрочем и тоа го кажавме неколку пати – единствена институција којашто ја собира научната мисла и научниците од различни етнични заедници во Македонија е Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). И тука завршшува и почнува сè“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната негова посета на Кавадарци.
Сè останато, според премиерот, е фолклор и „можеби некаков политички маневар“. Смета дека треба да се продолжи со институции каде што се генерира знаење и каде што науката е пред сè.
„Не постојат етнички научни институции, нема еден таков пример во светот. И во ред сега, ако се обидуваме да наметнеме тема во јавноста, па сега ние континуирано да одговараме на една иста тема, тоа е одговорот од нас што го слушнавте уште пред три дена. Немаме друг одговор“,
додаде премиерот.
„Вреди“ ја обвинуваат ДУИ, но и владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ
Но, ако се цени по соопштението од „Вреди“ испратено речиси истовремено додека Мицкоски зборуваше пред новинарите во Кавадарци, од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ не го делат ставот на премирот.
„Пред да реагираме инстинктивно и со емоции, правилно да се постави дилемата: Зошто во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), институција од клучно значење за науката во земјата, до денес нема ниту еден вработен Албанец? Зошто Албанците, втората најзначајна заедница во Северна Македонија, се исклучени од институција која треба да претставува и да поддржува сите етнички и културни групи во земјата“,
се прашањата кои и денеска ги поставија од „Вреди“.

Оттаму велат дека на „Академијата за науки и уметности на Албанците“ не треба да се гледа како на контраст или паралелизам на МАНУ, туку како можност за соработка и синергија.
„Напротив, ние ја гледаме оваа иницијатива како можност за соработка и синергија помеѓу двете академии, промовирајќи размена на идеи и искуства, и придонесувајќи за напредокот на науката и уметноста на национално и меѓународно ниво“,
се вели во соопштението од „Вреди.
Она што е интересно во него е прозивката на ДУИ за спротивставувањето на ваквата идеја, која, како што се вели во соопштението, докажува дека партијата на Али Ахмети е на иста линија со ВМРО –ДПМНЕ.
„На оние кои Академијата за науки и уметности на Албанците ја нарекуваат ’квази-академија’ им порачуваме: ставете ја главата во некоја дупка и не излегувајте следните 20 години, бидејќи вие го уништивте образованието и културата на Албанците. ДУИ со спротивставувањето на оваа иницијатива уште еднаш докажува дека е на иста линија со ВМРО-ДПМНЕ кога се во прашање албанските национални проекти“,
велат од „Вреди“.
Според ДУИ, намерата за формирање „Албанска академија на науките и уметностите“ е идеја која ги понижува Албанците бидејќи „Вреди“ требало да го преземе управувањето со МАНУ, а не да дојдат до „големата општинска идеја“.

Од „Вреди“, пак, сметаат дека основањето академија за науки и уметности на Албанците претставува важен чекор кон унапредувањето на науката, уметноста и културата на Албанците во Северна Македонија. Дополнително оттаму повикуваат на поддршка и конструктивен дијалог за реализација на иницијативата.
„Оваа институција ќе служи како академски и културен центар кој има за цел да ја промовира и развива знаењето и креативноста на албанскиот јазик и традиција, придонесувајќи на тој начин за обогатување на мултикултурниот мозаик на нашата земја. Коалицијата ВЛЕН повикува на поддршка на оваа племенита иницијатива и на ангажман во конструктивен дијалог за да се осигура дека овој проект ќе се реализира успешно и ќе донесе користи за сите граѓани на Северна Македонија. Ние сме уверени дека само преку соработка и разбирање можеме да изградиме подобра заедничка иднина“,
велат од коалицискиот партнер во Владата од албанскиот политички блок.
Темата за основање на „Академија на науки и уметности на Албанците“ е втората која емитува дисонантни тонови од Владата, по онаа за „балансерот“.