Од „Вреди“ велат дека целта на оваа идеја е интеграција на албанските интелектуалци внатре во земјата, а не двоење или правење паралелизам во државата
Одговорот на „Вреди“ следува по вчерашните реакции на владините коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои порачаа дека Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената научна институција во земјава и дека создавањето ваква државна институција ќе значи паралелизам кој е недозволен
Коалицијата „Вреди“ во 10 часот утринава го промовираше новиот портпарол Фари Исени и тимот задолжен за комуникација со медиуми. А, токму првото прашање на кое тој требаше да одговара пред камерите беше дали „Вреди“ ќе опстои на идејата за формирање на државна „Албанска академија на науките“ и покрај негодувањата од нивните владини коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, како и од опозициската ДУИ и дел од академиците.
Исени вели дека целта на оваа идеја е интеграција на албанските интелектуалци внатре во државата, а не двоење, сегрегирање или правење паралелизам бидејќи, како што вели, предолг период Албанците наидуваат на затворени врати од Македонската академија на наука и уметност (МАНУ).
„Во врска со создавањето ’Албанска академија за науки и уметности’, значи 57 години Албанците чекале простор и отворена врата од МАНУ, но досега таа била затворена и пристапот бил затворен за албанските интелектуалци и академици. Тоа натера на паралелизам, всушност, целта ни е да имаме интеграција внатре во државата, а не да ја двоиме, да сепарираме или сегрегираме, но додека се затворени вратите ние сме обврзани да одиме кон пристап и овозможување простор за албанските интелектуалци и уметници да си ги развијат нивните знаења. Тоа е еден чекор што го подобрува високото образование кај Албанците“,
рече Исени.

Во однос на негодувањата на коалициските партнери, Исени вели дека реакции може да има секогаш, но дека тие не отстапуваат од предизборното ветување и залагањето албанските гласачи да бидат задоволни од нивното владеење.
„360 Степени“ вчера објави дека здружението со кое пред два дена се сретнаа лидерите на коалицијата „Вреди“, а за кое најавија дека ќе бараат да прерасне во академија што ќе се финансира од државниот буџет е всушност здружение на граѓани кое е основано на 15.2.2022 година. Вистинското име му е поинакво од она што беше претставено и гласи „Академско здружение за наука и уметност на Албанците“, а не „Албанска академија на науките и уметностите“.
Владиниот коалициски партнер на „Вреди“, ВМРО-ДПМНЕ, вчера преку соопштение изјави дека Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници, се вели во писменото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека науката е столб на напредокот и просперитетот на секое општество и затоа е исклучително важно да се зачува нејзината автономија и непристрасност.
Политизирањето на науката, како што велат, може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, што ќе го загрози нејзиниот кредибилитет и квалитет.
„Нѐ радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката, тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ, која бара места само во тендерски зделки и притоа стана зелена партија“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Во него се додава дека како критериум за членството во една академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.
Реакција пристигна и од лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, чија партија исто така е дел од владината коалиција. Според него, станува збор за постизборен популизам кај партнерот „Вреди“, кој објави иницијатива за формирање „Академија на науките на Албанците“ во Македонија.
„Науката не смее да се политизира, ниту, пак, да се етнизира, таа има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам. Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен“,
реагираше денеска Димитриевски.
Тој кажа и дека партнерите во власта од „Вреди“ треба да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја, како што вели, и политичката корупција, а за тоа, според Димитриевски, потребна е и понуда на кадри со чисто минато без криминал и опашки.
Свој став во однос на ова прашање изнесе и академикот Владо Камбовски, кој во гостување на ТВ 24 рече дека таква структура е невозможно да постои во една држава, во која веќе постои МАНУ.
„Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите. Возможно е да се формираат, на пример, здравствени здруженија, но невозможно е да има две национални академии“,
изјави академик Камбовски.
Според него, научните и уметничките институции треба да се базираат на заеднички научни и културни вредности, а не на етнички или политички припадности бидејќи тоа може да доведе до поделби и конфликти во научната заедница.
„Вреди“ ја најави иницијативата за формирање „Албанска академија на науките и уметностите“ пред два дена. Лидерите на „Вреди“ посочија дека планот е таа да биде најпрво финансирана од општинскиот буџет на Тетово, но потоа финансирањето да го преземе државата.