Здравството со ДУИ беше тортура за граѓаните, одговорија денеска од владејачката „Вреди“, по обвинувањата од опозициската партија дека раководството на Клиниката за детски болести организирало новогодишни прослави од буџетот во ек на неколку трагични смртни случаи на деца
Паралелна преписка за здравството деновиве водат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Опозицијата обвини дека расте смртноста кај новороденчињата, власта возврати – Венко Филипче бил најлош министер во историјата
Демократската унија за интеграција е партија нон-грата и лоша копија на Груевски, ја почнува „Вреди“ својата реплика на денешната прес-конфренција на ДУИ за состојбите во здравството. Според владејачката партија, опозицијта ги користи најболните случаи за да го нахрани сопственото „гнасно его“. Кога имале шанса да направат нешто, велат од „Вреди“, ДУИ решиле да се скријат зад коруптивни шеми.
Кога беше време да застанат зад здравството, ДУИ се скрија зад своите афери и корупциски шеми, покажувајќи дека за нив власта е поважна од животот на народот. Денеска не им остана лице да бараат одговорност бидејќи ги наследивме последиците од нивното водство додека работиме на санирање на тие проблеми“,
соопштија од „Вреди“.
Од „Вреди“ потсетуваат дека станува збор за истата партија поради чија корумпираност починаа 14 граѓани во модуларната болница во Тетово, за време на ковид-19 пандемијата. Обвинуваат и дека ДУИ држела во неизвесност илјадници здравствени работници на договори за привремено вработување, како изборна алатка.
„Но, со Таравари задолжен за здравство, оваа срамна практика завршува! Завршува нивната неизвесност, почнувајќи од систематизацијата на над 1.000 здраствени работници!
Фактите не лажат. Откако ‘Вреди’ ја презеде одговорноста за здравството, работите почнаа да се менуваат. За прв пат по 15 години е ажурирана позитивната листа на лекови, со што се олеснува товарот на илјадници пациенти. Само годинава, благодарение на заложбата на министерот Арбен Таравари, се примени 300 нови специјализанти, а следната година ќе бидат примени уште 300“,
соопштија од „Вреди“.
Реакцијата на „Вреди“ доаѓа по прес-конференцијата на Демократската унија за интеграција која го обвини раководството на Клиниката за детски болести во Скопје и коалицијата „Вреди“, дека организирале предновогодишни прослави финансирани од буџетски средства.
Сето тоа, според опозициската партија, се случувало во период на неколку смртни случаи на деца и извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), каде еден од заклучоците беше дека на клиниката не секогаш има специјалист во дежурната амбуланта.
Вчера СДСМ побара оставка од министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на клиниката. Социјалдемократите извадија и статистика, дека во последниве шест месеци починале 20 деца.
Им возврати ВМРО-ДПМНЕ, дека нивниот лидер Венко Филипче бил најлошиот министер за здравство во историјата на земјата.
На прозивките, вчера реагираше и директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди. Кажа дека во клиниката 24 часа има специјалисти. Но дека, за жал, општо е познато дека не секогаш успеваат да ги спасат животите на сите деца. Тој смета дека работата на Детската клиника ќе се подобри со вработување на дополнителен број на доктори, кои сега недостасуваат.
ДСЗИ направи инспекциски надзор, по смртта на седуммесечно бебе. Некои од главните наодите беа дека во амбулантите на клиниката не секогаш има присутен специјалист и дека медицинската документација во установата се креира од доктори што не се присутни на работа.
ДСЗИ дадоа предлог до Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на починатото седуммесечно бебе.
Мемеди, вчера, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека сè уште не го добил извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Но, уверуваше дека на Клиниката има специјалисти кои 24 часа се грижат за сите пациенти. За специјализантите рече дека се дел од тимовите на Клиниката и дека треба да се покаже почит кон нив, бидејќи станува збор за дипломирани лекари.