Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски ќе биде кандидат за „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм за 2021 година, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ).
Во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите: „Ефектот на среќата“ во режија на Борјан Зафировски, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Кеиф“ на Блаже Дулев и „Незо“ во режија на Мерита Чочоли.
ДФРМ соопшти дека кандидатурата на „Врба“ за наш национален претставник во трката за најпознатата филмска награда е прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука.
Поради ковид-пандемијата, 93-тата церемонија за доделување на наградите „Оскар“ ќе се одржи подоцна од вообичаено, односно на 25 април 2021 во Лос Анџелес.
Годинава во трката за „Оскар“ влезе документарецот „Медена земја“ кој доби номинации и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм.
