Пред првиот круг од локалните избори на 15 октомври, СДСМ одржа трибина пред Универзална сала, каде што Шилегов рече дека објектот во кој се одржувале најпознатите домашни фестивали и настапувале големи естрадни имиња сега е затворен. Ние, нагласи, дојдовме да ѝ го вратиме животот на Универзална сала
Универзалната сала се враќа во градот – „Скопје младост ти ќе бидеш“. Така беше насловен делот посветен на Универзална сала во изборната програма на СДСМ за Скопје на локалните избори во 2017 година. Тогаш, Петре Шилегов, како кандидат на СДСМ и на ДУИ, однесе победа во трката за градоначалник на главниот град поразувајќи го дотогашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, во чиј, пак, мандат на големо се реализираше проектот „Скопје 2014“.
„Универзална сала беше омилената културна институција на многу скопјани, а за многу деца тоа е местото на првиот концерт или културен настан. Денес Универзална е запоставено и безживотно место, наспроти нејзиниот сјај во минатото. Иако најавувано во повеќе наврати, нејзиното ревитализирање не се случи. Се сеќаваме на на времето кога Универзалната сала беше дом на фестивалот ‘Златно славејче’. Веднаш го почнуваме процесот за изградба на салата според најсовремените стандарди за безбедност, техника, за удобност на гледалиштето и за пристап до салата“,
стои во изборната програма на Шилегов од 2017 година.

Овие најави на Шилегов не се реализираа во изминатите три години откако тој стана градски татко. Последниот настан што се памети во Универзална сала е собирот што во 2015 година го организираше СДСМ како опозиција, при што беа објавени повеќе „бомби“ од нелегално прислушуваните разговори.
Деновиве, пак, додека Шилегов, како и другите градоначалници во земјава, влегуваат во последната година од мандатот, јавноста во Скопје ја разбранува веста за огласот што го објави град Скопје за идејно архитектонско и хортикултурно решение за отворена летна сцена со парк, на местото на Универзална сала, во центарот на градот.
На 1 октомври 2017 година, пред првиот круг од локалните избори на 15 октомври, СДСМ одржа трибина пред Универзална сала, каде што Шилегов рече дека објектот во кој се одржувале најпознатите домашни фестивали и настапувале големи естрадни имиња, сега е затворен. Ние, рече Шилегов, дојдовме да ѝ го вратиме животот на Универзална сала.
„Во изминатите 10 години имавме власт која не го сакаше минатото на Скопје и затоа имаше потреба да создаде едно друго Скопје – без душа и дух, Скопје кое не им припаѓа на скопјани“,
оцени Шилегов на дебатата како кандидат за скопски градоначалник.
