Вработените во УЈП ќе ги добијат бараните покачувања на платите за 30%. Претседателот на синдикатот на УЈП , Васе Недановски, во изјава за Канал 5 вели дека нема потреба од генерален штрајк бидејќи постигнале договор со раководството на УЈП.
„Вработените во УЈП беа јасни во своите намери и ставови, законски основ за зголемување на плати коишто 14 години не им беа зголемувани. Се најде начин, се утврди дека со закон следи, помирувачот даде такви препораки, се постигна договор, се оствари правото на зголемување на плати, протестите престанаа и е беспредметно организирање на генерален штрајк“,
изјави Васе Недановски, претседател на Синдикатот.
И директорката на УЈП, Сања Лукаревска, соопшти дека постигнале договор со синдикатот и веќе следната недела, како што рече во гостување на ТВ 21, парите ќе бидат исплатени, откако добиле позитивно мислење од Министерството за финансии.
„Го потпишавме колективниот договор помеѓу работодавачот, односно УЈП, и репрезентативниот синдикат на УЈП, „Солидарност“, и истиот го доставивме до Министерството за финансии каде што добивме и позитивно мислење. Сите оние протести кои што беа во 2 часа во текот на работниот ден, како и најавата за генерален штрајк веќе не се опасност во делот на работењето на УЈП“,
изјави Лукаревска.
Договорот е постигнат преку медијација која официјално започна на 30 јуни со новиот назначен медијатор.
Вработените од Управата за јавни приходи од 15 јуни, секој ден од 10 до 12 часот, штрајкуваа без да ги извршуваат своите обврски од работното место. Тие бараа зголемување на платите за 30 отсто, а доколку не биде исполнето нивното барање, најавуваа активирање на одлуката за генерален штрајк.
Одлуката за генерален штрајк требаше да стапи во сила на 27 јуни, но беше пролонгирана поради назначувањето нов помирувач во процесот.