Тие денеска повторно протестираа на булеварот „Илинден“ во Скопје и побараа исплата на платата за септември и почитувањето на одредбите од колективниот договор
Доколку до 28 октомври не им биде исплатена платата за септември и додатоците на плата, вработените во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и фирмите ќерки „Флораком“ и „Луна“ најавија дека ќе ја активираат одлуката за шрајк. Тие денеска повторно протестираа на булеварот „Илинден“ во Скопје и побараа исплата на платата за септември и почитувањето на одредбите од колективниот договор.

На раководството на претпријатието му дадоа рок до 28 октомври, кога истекнува периодот за мирно решавање на спорови, а во спротивно најавија дека ќе ја активираат одлуката за штрајк.
„Секој ден бараме прием и уште не нè примиле на разговор. Немаат волја за разговор и затоа мораме правото да го остваруваме на улица. Непочитувањето на колективниот договор трае веќе со години. Ние потпишавме колективен договор, не за да им дадеме одложено дејствие на нивните обврски кон вработените, туку да не застарат побарувањата. Нашата добра волја беше искрена, но од страна на претпријатието немаат сенс да го испочитуваат трудот на вработените“,
изјави Горан Ристевски, претседател на Независниот синдикат на државна администрација, каде членува и независниот синдикат на „Паркови и зеленило“ и двете сестрински фирми.
Додава дека вработените во „Паркови и зеленило“ полека губат волја за работа поради неисплата на платите.