На протестот пред Министерството за финансии тие нагласија дека немаат рамноправен третман како другите вработени во државната администрација и посочија дека речиси 70 отсто од вработените во овие институции земаат плата под просечната
Со протест пред Министерството за финансии (МФ), синдикални претставници од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм денеска го изразија своето незадоволство од, како што велат, недостоинствено ниските примања на вработените во овие институции.
Нагласија дека немаат рамноправен третман како останатите вработени во државната администрација и посочија дека речиси 70 отсто од вработените во овие институции земаат плата под просечната.
„Синдикалната организација при Министерството за култура, како и на другите две синдикални организации веќе имаат изготвено предлог-текст на колективен договор кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените и по кој минатата година Министерството за финансии даде негативно мислење, за да само по неколку дена со законот за буџетите се утврди зголемување од 30 проценти за вработените во МФ“,
нагласи претседателот на синдикат при Министерството за култура, Бранко Костовски.

Согласни се дека одговорноста на вработените во Министерството за финансии е огромна, но порачаа дека и нивната работа носи голема одговорност и затоа од Владата, премиерот и министерот за финансии побараа сериозен пристап кон нивните барања.
„Да потсетиме дека Министерството за култура ја сервисира работата на 70 национални и 49 локални институции од областа на културата, а во рамки на годишните конкурси на Министерството се обработуваат просечно околу 5 000 апликации од кои, барем од половината, следат обврски за потпишување на договори и следење на истите. Носиме сериозна одговорност и бараме сериозен пристап кон нашите барања. Државата не може за едни да биде мајка, а за други маќеа“,
додаде претседателот на синдикатот при Министерството за култура.
Костовски нагласи дека за нивните барања имаат поддршка од одговорните во Министерството, а поддршка побараа и од колегите од останатите министерства, за како што рече, заедно да се изборат за она што им следува – достоинствени месечни примања.
Заклучи дека државната администрација не смее и не треба да се потценува со никакви квалификации туку да се вреднува и да се признае нејзината работа.
