Од синдикалната организација при Министерството за култура порачаа дека протестот ќе трае секој ден сè до остварување на целта – соодветна валоризација на трудот на вработените во овие институции

Вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм денеска повторно излегоа на едночасовен протест пред Министерството за финансии од каде побараа средба со министерот Фатмир Бесими и упатија апел за покачување на платите.
Бранко Костовски, претседател на синдикалната организација при Министерството за култура, рече секој ден ќе бидат на протестот и тоа во поголем број сè до остварување на целта – соодветна валоризација на трудот на вработените во овие институции.
Тие бараат потпишување колективен договор и зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии.
„Со плата од 25 илјади денари која ја земаат во просек 70 отсто од вработените во секторот култура, месецот не може да се преживее. Во петокот министерот за финансии Фатмир Бесими не ги прими нашите претставници и во таа смисла, сакаме да порачаме дека нема да се откажеме, ќе бидеме присутни секој ден и во голем број“,
рече Костовски.
Тој нагласи дека постоечкиот општ колективен договор не го ограничува правото и сега да се склучи поединечен договор на ниво на работодавец.
„Затоа, останува нејасно, зошто ние добиваме негативно мислење за потпишување на колективен договор, а Министерството за финансии побрза да го реши проблемот на своите вработени дури и со Закон? Бараме од Владата да не дозволи нерамноправен третман на вработените во јавниот сектор. Очекуваме министерот Бисими денеска да не прими и да не се оглушува на нашите барања. Ако имиџот на една држава се гради и преку културата, бараме да не дозволите недостоинствен третман токму на луѓето кои ги администрираат сите потреби кои произлегуваат од остварувањето на културата во нашата држава“,
додаде Костовски на денешниот протест.
Во петокот, по тогашниот протест на вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм ,од Министерството за финансии преку соопштение информираа дека веќе се работи на Законот за плати во јавниот сектор, кој е објавен на ЕНЕР и е на јавна расправа. Решението на ова прашање со платите, како што информираат од Министерството за финансии, ќе го бараат заедно со партнерите во Економско-социјалниот совет, синдикатите и работодавачите. Одржлива и долгорочна методологија заснована на објективно дефинирани критериуми е решението кое го бараме за платите на вработените во целиот јавен сектор, додаваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека се работи да се најде одржливо системско решение што ќе се однесува на целиот јавен сектор, по примерот со минималната плата и пензиите.