Со реакција за поништувањето на одлуката за зголемување на јануарските плати за 30 отсто, денеска со реакција излегоа од Синдикатот на УПОЗ кои побараа одговор дали поради ваквата одлука ќе има доцнење на исплатата на платите во јавниот сектор

Вработените во Министерството за финансии денеска излегоа на мирен протест пред зградата во која работат, во знак на револт поради поништувањето на одлуката за зголемување на јануарските плати за 30 отсто, од страна на министерот Фатмир Бесими. Протестот на вработените беше ненајавен и траеше кратко.
За одлуката на министерот Бесими, денеска со реакција излегоа од Синдикатот на УПОЗ. Оттаму велат дека по повлекувањето на одлуката на министерот Бесими, револтот и разочарувањето кај вработените е огромен.
„Министерот за финансии денес реши да направи кривично дело и да да го прекрши законот кој го бранеше пред само неколку дена. Спротивно на сите правни норми, решил да ги повлече сите решенија кои вработените веќе ги добиле, а се однесуваа на зголемување на платата за 30 отсто. Дали поради самоволието на министерот за финансии ќе доцни исплатата на платите во јавниот сектор?“,
прашуваат од УПОЗ во нивната реакција.
Од УПОЗ ги повикаа членовите на Синдикатот на УПОЗ од Министерството за финансии и сите вработени во Министерството за финансии да се обратат до Синдикатот на УПОЗ и да добијат бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.
Одлуката на Бесими да ги зголеми платите само во неговото министерство претходно предизвика револт во останатите државни институции.
Од Министерството за финансии оваа одлука ја оправдуваа дека нивните вработени земале најниски плати и токму поради тоа голем број си давале откази. Министерот стравувал дека институцијата ќе остане без вработени, па токму тоа било образложението зошто ја донел одлуката да ги зголеми платите за 30 отсто од јануари.
Но, по повлекувањето на веќе потпишаните решенија, најавените 30 отсто зголемување на јануарската плата во Министерството за финансии нема да се случат.