Поради потпросечните плати и поради неодобрувања на вработувања, МИА се соочува со одлив на кадар, алармираа вработените на денешниот протест. Оттаму велат дека се соочуваат со повеќе горливи прашања, од кои најприоритетни се платите. Се надеваат дека ќе се надмине ситуацијата во полза на вработените и дека нема да има потреба од порадикални чекори

Вработените во Мeдиумската информативна агенција – МИА денеска излегоа на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите. Oттаму велат дека четири години немаат нивелирање на примањата.
Со финансискиот план за работа на МИА за 2023 има предвидено средства за покачувања на платите, а вработените тврдат дека со месеци чекаат тоа да биде ставено на дневен ред на седница на Влада.
„Првпат од 25 години постоење на МИА, вработените се принудени преку протест да бараат остварување на нивните права. Денешниот предупредувачки протест е поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата за зголемување на платите согласно колективниот договор и усогласување со трошоците на живот. МИА повеќе месеци чека барањето за зголемување на платите да биде ставено на дневен ред на седница на Влада. Зголемувањето на платите во МИА е предвидено со финансискиот план за 2023 година, односно за тоа не се потребни дополнителни средства од буџетот. Основен предуслов за слободно и професионално новинарство е стабилна социо-економска состојба на новинарите и медиумските работници“,
кажа на денешниот протест Марина Илиевска, вработена во МИА и член на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Поради потпросечните плати и поради неодобрување на вработувања, МИА се соочува со одлив на кадар, алармираа вработените на денешниот протест. Оттаму велат дека се соочуваат со повеќе горливи пршања, но приоритетни им се платите. Се надеваат дека ќе се надмине ситуацијата во нивна полза и дека нема да има потреба од порадикални чекори.
Од ССНМ, кои го поддржаа денешниот протест, посочија дека е потребено да се донесе и Закон за МИА, со што ќе се раскине „врската“ за финансирање на релација Влада – медиум.
„Се надеваме дека ќе најдеме трајно решение за МИА, која е во вазална состојба кон Владата, бидејќи буџетирањето доаѓа оттаму. Како што успеавме колективен договор да потпишеме, се надевам дека многу брзо ќе седнеме на маса и ќе разговараме и за Закон за МИА и овие колеги наши потполно ќе ја добијат независноста, уредувачката политика, планирањето и растот на нивните плати, бидејќи МИА остварува и приход“,
кажа претседателот на ССНМ, Павле Беловски.