Со договорот се предвидува и зголемување на додатоците и надоместоците на плата и се зголемуваат правата на работниците за време на штрајк

Зголемување на платите на вработените во градинките за 15 отсто и нивен континуиран раст со секое зголемување на минималната плата е новината која е дел од колективниот договор што го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК).
Со договорот се предвидува и зголемување на додатоците и надоместоците на плата и се зголемуваат правата на работниците за време на штрајк.
Со колективниот договор, исто така, се надминува проблемот со работното време на воспитувачите и негователите за реализирање на другите програмски активности во други просторни услови во установата или надвор од неа.
„Се обезбедува регрес за годишен одмор, четири часовно платено отсуство од работа во текот на месецот за извршување на итни, лични и неодложни потреби, се зголемуваат правата за слободни платени работни денови во текот на календарската година, се воведуваат јубилејни награди за работа во градинката“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Новиот колективен договор предвидува учество на синдикален претставник во повеќе комисии во установата формирана од страна на директорот, се воспоставува право на приправникот приправничкиот испит да го полага по втор пат и се зголемуваат роковите за пријава на огласи за вработување во градинките.
Исто така, од МТСП информираат дека со договорот детално се уредува начинот на распоредување на работникот и обврските на работодавачот и се зголемуваат обврските на работодавачот во делот за безбедност и здравје при работа, надминување и трајно решавање на проблемот на помошно техничките лица во делот на платите и нивен континуиран раст со зголемувањето на минималната плата.
На креирањето на новиот Колективен договор работеше работна група во состав на претставници на Министерството и СОНК.
Потписниците на договорот, министерката Тренчевска и претседателот на СОНК, Неделков, изразија уверување дека новиот колективниот договор претставува унапредување на правата на давателите на услуги во детските градинки.