Вработените денеска повторно беа на двочасовен протест на булеварот „Илинден“, а доколку нивните барања денеска не бидат исполнети, најавите се дека од понеделник размислуваат за радикализирање на протестите

Вработените во „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми ќерки на „Паркови и зеленило“, од понеделник повторно ќе излезат на протест доколку денеска не ја добијат августовската плата.
Вработените денеска повторно беа на двочасовен протест на булеварот „Илинден“, а доколку нивните барања денеска не бидат исполнети, најавите се дека од понеделник размислуваат за радикализирање на протестите.
Стојанче Кашиковски, претседател на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија (СУТКОЗ), вели дека вработените, законски, платата за август требало да ја добијат до 15 септември, но таа сè уште не е исплатена.
„Вработените одлучија повторно протестот да го изразат со блокирање на булевар ’Илинден’. Доколку и во текот на денешниот ден од страна на раководството на ЈП ’Паркови и зеленило’ не биде исплатена платата за август за вработените во ’Флораком’ и во ’Луна’, тие повторно од понеделник ќе протестираат со блокада на булеварот ’Илинден’. Вработените размислуваат доколку и понатаму не се најде решение за исплата на платата да го радикализираат протестот преку блокирање повеќе крстосници во Скопје“,
вели Кашиковски во изјава за МИА.
Според неофицијални информации, како што рече тој, се очекува одредена сума парични средства да бидат исплатени на сметката на ЈП „Паркови и зеленило“ од ЈП „Водовод и канализација“ и да бидат употребени за исплата на платите на вработените во овие две фирми.
„До завршување на протестот, до 12 часот, тие пари сè уште не легнаа на сметката на ’Паркови и зеленило’. Доколку платата биде исплатена, од понеделник нема да има протест. За 10 до 12 дена стигнува за исплата и платата за септември и вработените се плашат дека е можно повторно да не ја добијат таа исплата“,
изјави Кашиковски.