Минатите изборни процеси преку оваа алатка имало 10 пријави, најголем дел несоодветни
Вработените во јавниот сектор од денеска ќе може да пријавуваат притисоци во предизборен период на алатка која е поставена на веб-страницата на Министерството за информатичко општество и администрација.
Министерот Дамјан Манчевски апелира до вработените во јавниот сектор да ја користат алатката и да пријават евентуален притисок.
Целта, како што објасни, е да се обезбедат и гарантираат сите предуслови за фер и демократски избори. Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели и своите лични податоци тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на личните податоци и за тоа веќе се преземени соодветни технички и организациски мерки.
„Цврсто стоиме на заложбата дека притисоци, уцена и злоупотреба во јавниот сектор нема и нема да има и за време на оваа кампања како и за кампањите за сите изборни процеси во изминатите три години вработените во јавниот сектор ќе можат на лесен и едноставен начин да пријават доколку некој им врши притисок во контекст на изборниот процес“,
рече на прес-конференција министерот Манчевски, потенцирајќи дека ја промовираат алатката на меѓународниот ден на јавниот сектор.
Како што рече Манчевски, МИОА се обврзува дека сите пристигнати пријави ќе ги проследи до надлежните органи за понатамошно постапување. За тоа веќе организирале и координативни состаноци со Државната комисија за спречување на корупција, Народниот правобранител, Агенцијата за администрација, Државниот трудов инспекторат, Агенцијата за вработување, како и сите други надлежни институции кои можат да бидат доведени во овој контекст.
На претходните изборни процеси и референдумот преку ваквата алатка имало најмногу 10 пријави, повеќе од половина од нив биле несоодветни, а сите останати биле препратени во соодветната институција.
