Од АГРО Синдикатот велат дека уште минатата недела испратиле допис до Владата за да се реши проблемот, но нивниот случај е препратен кај вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од каде што засега, како што велат, сѐ уште немаат одговор кога би биле повикани на средба со Битиќи и кога би имало пари за плата

Вработените во АД „Водостопанство“ ѝ дадоа рок на Владата до понеделник да им даде конкретен одговор и решение како до крајот на годината работниците во претпријатието ќе земаат плата. Во спротивно, сите 14 подружници, заедно со дирекцијата, најавија дека ќе одат на протест пред Влада и сѐ додека не им се даде конкретно решение на проблемот, нема да се тргнат. Ова денеска го порачаа вработените во АД „Водостопанство“ кои излегоа пред Дирекцијата во Скопје, како и пред 14 подружници на претпријатието низ земјава за да изразат револт дека сѐ уште не земале плата за јули и покрај тоа што веќе тече рокот за исплата на августовската плата.
„Денеска сме тука за да изразиме револт и незадоволство поради неисплатената плата за јули. Иако е веќе 31 август и од утре почнува да тече рокот за августовската плата, ние сѐ уште немаме земено плата за јули. Доколку денеска не се исплати платата, работниците на АД ’Водостопанство’ од утре ќе немаат ни здравствено осигурување“,
изјави претседателот на АГРО Синдикатот, Игор Китаноски.
Китаноски рече дека уште минатата недела испратиле допис до Владата за да се реши проблемот, но нивниот случај е препратен кај вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од каде што засега, како што истакна Китаноски, сѐ уште немаат одговор кога би биле повикани на средба со Битиќи и кога би имало пари за плата.
„Минатата недела, кога од директорот бевме информирани дека ќе нема средства за јулската плата и за неколкуте наредни месеци, писмено се обративме до Владата. Побаравме средба за да најдеме заедничко решение за исплата на плати. Од Владата добивме писмено известување дека нашето барање било разгледано и дека нашиот случај е препратен до вицепремиерот Битиќи. Во дописот нема конкретно решение како би се решил пробпемот, ниту датум кога би имало пари за плата, ниту кога би имале средба“,
рече Китаноски.

Од Синдикатот бараат од Владата во најбрз можен рок да им даде одговор за решение околу исплатата на платите на работниците за до крајот на годината.
Според претседателот на синдикалната организација на АД „Водостопанство“, Коста Малозарков, ситуацијата е алармантна зашто цените на храната драматично растат, а веќе почнува и школската година.
„Плата немаме земено за јули, а од утре веќе и за август. Во период кога цените драматично растат, кога не може луѓето да купат основни прехранбени произоди, а почнува и школската година, па нашите вработени не можат ранчиња и прибор да им купат на дечињата, бараме Владата, како единствен сопственик на АД ’Водосотопанство’, итно да најде средства и да го реши проблемот со платите што поскоро. Ако тоа не го стори во разумен рок, за неколку дена, ќе се организираме на протести пред Владата“,
рече Малозарков.
Тој кажа дека АД „Водосотопанство“ е основано од Владата и има помалку од 500 вработени, а денеска на протест се излезени вработените во 14 подружници.
Тој потсети дека и минатата година имале проблем со платите, но Владата нашла решение и им исплатила пет плати.
Според него, АД „Водостопанство“ е нерентабилно затоа што цените на водните услуги се стари повеќе од 10 години, а покрај другите параметри, во цената на водната услуга влегуваат и струјата, горивото, резервните делови, минималната плата.
„Цените ние сами не може да ги формираме, мора да ги одобри Владата. Имаше нешто донесено за зголемување на цените, не знам колкав е тој процент, но министерот за земјоделство Љупчо Николовски побара пролонгирање на цените и да важат од 1 јануари 2024 година“,
додаде претседателот на синдикалната организација на АД „Водостопанство“.