Високото образование е столб, без високо образование ниеден развој во државата нема да продолжи, вели ректорот на УКИМ
Мирен протест пред Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје денеска организираше Сојузот на синдикати на УКИМ барајќи потпишување нов колективен договор и достоинствени плати бидејќи покачувањето кое им е ветено од септември велат дека е минимално и не го прифаќаат.
„Владата се обидува со минимални покачувања да ги задоволи потребите. Тие покачувања одамна ги изеде инфлацијата. Денеска гледаме дека се покачи минималната плата, само ние останавме заборавени. Протестот има за цел да ѝ укаже на Владата и да прати порака дека вака веќе не може. Предлозите за минимално покачување од септември не ги прифаќаме“,
порачаа од Сојузот на синдикати на УКИМ.
Ако не бидат слушнати и прифатени нивните барања, следниот протест најавија дека ќе биде помасовен и пред Владата.
Моменталните примања, реагираа претставниците на Синдикатот, се под достоинството. Како што споделија, платата на редовен професор е 39 000 денари, а примањата на ненаставниот кадар се движат од 18 000 до 25 000 денари.
„Ненаставниот кадар е таа логистика која не ја гледате, но работи многу напорно, чесно и секојдневно за да ја овозможи реализацијата на целиот наставен процес, тоа се луѓето кои се дипломирани правници, економисти. Даваат и овозможуваат имплементација на законите, на наставните програми, на одржување на просториите, на лабораториите… Ние како ненаставен кадар имаме огромна одговорност и грижа за да се реализира наставата. Од таа причина сметаме дека во моментов она што го имаме како плата е смешно сосема деградирачки и недоволно со оглед на нашите залагања. Работиме за двајца, за тројца… Финансирањето на ненаставниот кадар изнесува од 18 до 25 000 денари. Како може ненаставен кадар да има толкав месечен приход? Не е извршена ниту нивелација на платите согласно минималната плата. Краен момент е Владата да одговори на нашите барања, да направи сериозни пресметки, за да утврдиме кои се реалните основи и реалната“,
рече Габриела Атанасовска, претставничка на ненаставниот кадар.
Професорот од Филозофскиот факултет, Зоран Киткањ, пак, рече дека преку протестот сакаат да го искажат своето незадоволство, револт и бес. Повеќе од 20 години, рече тој, ниедна влада не сфати дека вложувањето во високото образование е вложување во човечки капитал.
„Не знам како не можам да сфатат и актуелната и сите претходни влади, дека несоодветното почитување и немањето никаков респект нè води во пропаст. За таквата незавидна положба делумно сме виновни и ние самите професори. Повеќе од 20 години молчиме и само молчиме и никако да кренеме глава, чекајќи некој да се смилува и да ни ги покачи платите. Ако сами не се почитуваме, не се вреднуваме, не соработуваме и не се поддржуваме, не очекувајте дека не само оваа туку која било власт ќе одговори на нашите проблеми и барања“,
рече професорот.
Овој кадар, вели Киткањ, не е само бројка бидејќи ако се стимулира високото образование тогаш ќе се стимулира и научната и културната дејност, како и економијата.
„Како и сите други претходни влади, никогаш не ги зедоа предвид нашите барања затоа што не гледаа како мала бројка, како гласачко тело кое не дава ни половина пратеник. Не сме само бројка, тие што мислат така мораме да им докажеме дека сме движечка сила заедно и со студентите и со администрацијата“,
рече Киткањ.
Ректорот на УКИМ, професорот Никола Јанкуловски, исто така присуствуваше на протестот, а по неговото завршување во изјава за медиумите кажа дека им дава целосна поддршка на вработените, исто како и целата ректорска управа и Сенатот на Универзитетот.
„Пуштени се дописи до Владата, Собранието, МОН во кои се укажува дека платите се ниски и навистина треба да дојде до покачување со оглед дека во минатото дојде до неколкукратно покачување во другите дејности. Вработените на УКИМ се чувствуваат занемарени. Со оглед дека плата на еден редовен професор е 39 000 денари, а сите наставници во регион и пошироко имаат минимална плата до 1 500 евра, мислам дека е редно време да се смогнат сили, да се направи нешто повеќе. Високото образование е столб, без високо образование ниеден развој во државата нема да продолжи“,
рече Јанкуловски.