Тој на колегите што биле заплашувани им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи бидејќи, како што рече, „никој ништо не може да им направи ниту да ги избрка од работа ако сакаат да заштитат некој колега“

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека вработените во центрите за социјални работи, посебно оние од скопскиот регион, се изложени на притисоци и закани со отпуштања или прераспределувања ако излезат јавно да и дадат поддршка на социјалната работничка од Прилеп која пред неколку дена со огнено оружје беше нападната од корисник на социјални услуги и здоби две прострелни рани.
Според Деаноски, заплашувањата почнале од синоќа, а биле по наредба на Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјални работи.
„Беше замислено тука да има голем број вработени од Центарот за социјални работи кои сакаат да и дадат поддршка на колешката и да побараат од работодавачите побрзо да има мерки за заштита на безбедноста на вработените. Но, за жал, од вчера вечер, по наредба на Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјални работи, останав без колегите зашто сите се заплашени, им се закануваат дека ако излезат надвор и и дадат поддршка на колешката или побараат какво било друго право, ќе бидат избркани од работа или прераспределувани на други места“,
рече Деаноски.
Тој на колегите што биле заплашувани им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи бидејќи, како што рече, „никој ништо не може да им направи, ниту да ги избрка од работа ако сакаат да заштитат некој колега“.
Тој повтори дека барањата на УПОЗ се стари, од 2023 година, и не се променети, а тоа е обезбедување безбедност на вработените
„Треба да се знае дека центрите за социјална работа се специфични, вработените се даватели на услуги, административни службеници и помошни технички лица, секогаш работат со најмаргинализираната група граѓани и секогаш се изложени на голем ризик. Напаѓани се вербално, физички, а она што се случи пред некој ден во Прилеп беше кулминација на сите напади до сега“,
додаде Деаноски.
Тој се осврна и на известувањето испратено денеска од Министерството за социјална политика во кое го осудува нападот и информира дека сега ќе почне да работи на тендер за вработените безбедно и сигурно да работат.
„Се надевам дека тоа нема да биде доцна и дека ова ќе биде добра порака не само до работодавачите во центрите, туку и до целата администрација и до Владата – дека тие луѓе кои работат за државата треба да бидат заштитени“,
рече претседателот на УПОЗ.
Синдикатот очекува, рече Деаноски, да се забрза постапката за обезбедување на вработените и додаде дека имале усна комуникација и оти се најдени средства за покачување на платите.
Тој нагласи дека денеска надвор од работните места за да дадат поддршка на повредената колешка се излезени вработените во Центрите за социјална работа од Прилеп, Велес, Куманово, Тетово и Гостивар.
„Само во скопските центри за социјална работа имаше најмногу притисоци да не излегуваат за да дадат поддршка на повредената колешка Марјана, застрелана на работното место со два куршума. Поголем апсурд од ова нема. Да имавме работодавачи како што треба до сега сите ќе отидеа во Прилеп, ќе ја посетеа колешката во болница, ќе и дадеа поддршка дека вакво нешто нема повторно да се случи, но место да излезат на лице место, комуницираме преку соопштенија и преку медиумите“,
рече Деаноски.
Осврнувајќи се на условите во кои работат социјалните работници, Деаноски ги повика медиумите да влезат во овие установи и да ги видат условите за вработените.
„Вработените не добиваат никаков надоместок за дежурство и за приправност, влегуваат сами, без полиција и без никаква заштита каде што има убиства, немаат ниту бенефициран стаж. Проблемите на овие вработени се огромни и за да избегнеме вакви ситуации во иднина овие проблеми мора што побрзо да се решат“,
додаде тој.
Повредената социјална работничка од Прилеп, членка на УПОЗ, била двапати застрелана, во раката и во стомакот. Според Деаноски, таа е во добра состојба и брзо се закрепнува.
„УПОЗ застанува зад неа, верувам не само со правна, туку и со финансиска поддршка“,
изјави Деаноски.
Денеска од Министерството за социјална политика, демографија и млади информираа дека пред воопшто да се случи настанот во Прилеп, Министерството ја започнало постапката за физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита во државата, имајќи ја предвид сензитивноста на работните задачи на социјалните работници кои се изложени на ризици по здравјето и животот.
Вчера од Основното јавно обвинителство Прилеп соопштија дека против 50-годишен прилепчанец ќе се спроведе истражна постапка бидејќи постои сомнение дека во понеделникот со умисла се обидел да ја лиши од живот социјалната работничка од Прилеп, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.