Неколкумина вработени во Министерството за внатрешни работи се позитивни на коронавирусот, потврди министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„Денеска стигна информацијата дека во една од единиците при МВР има заболени со коронавирус. Нивните првични контакти се веќе анализирани и издадени се решенија за изолација. Преземени се сите мерки од епидемиолозите и тоа го координиравме во текот на утрово“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Тој не прецизираше колку точно од лицата вработени во МВР се позитивни на ковид-19.
Во последниве 24 часа излекувани се 50 лица, 22 се регистрирани како новозаболени и две лица починаа.
Вкупната бројка на дијагностицирани со ковид во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1 839, бројката на оздравени пациенти е 1 351, на починати е 106, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 382.