Претседателот на Синдикалната организација на „Македонски пошти“ кажа дека наредната недела ќе донесат одлука за натамошните чекори, која ќе ја соопштат на Управниот одбор на компанијата, доколку платата за јануари не им биде исплатена до 15 следниот месец. Вели дека не е исклучена и можноста од штрајк доколку не наидат на слух кај раководството
Вработени во државната компанија „Македонски пошти“ денеска излегоа на протест на кој го искажаа својот револт поради доцнењето на декемвриската плата. Тие велат дека работат за минимална плата, но и таа не можат да ја добијат навреме, поради што најавуваат дека доколку и наредниот месец се повтори идентична ситуација ќе донесат одлука за следните чекори, а не ја исклучуваат и можноста од штрајк.

Според тврдењата на синдикалните организации, освен вработени во скопските филијали на „Македонски пошти“ протестираат и нивните колеги во градовите од внатрешноста на државата.
Според претседателот на Синдикалната организација на „Македонски пошти“, Сашо Димитриевски, доцнењето на платите на вработените во акционерското друштво се случува изминатите неколку месеци, но посочи дека денешниот протест е поради доцнењето на платата за декември.
Тој кажа дека синдикалните организации на „Пошти“ наредната недела ќе донесат одлука за натамошните чекори што ќе ја соопштат на Управниот одбор на компанијата доколку платата за јануари не им биле исплатена до 15 следниот месец. Вели дека не е исклучена и можноста од штрајк, доколку не наидат на слух кај раководството.
„Овој денешен протест е знак на револт на вработените, бидејќи е пробиен законскиот рок за исплата на плати во ‘Македонски пошти’. Ова е трети или четврти месец како ни доцни платата, но овој месец го проби дното, бидејќи денеска сме 23 јануари. Овој протест денеска е поради неисплатата на оваа плата, но ви кажав, веќе наредната недела синдикалните организации на ‘Македонска пошта’ ќе донесат нова одлука до Управниот одбор дека ако наредниот месец не се исплати платата до 15-ти, продолжуваме со протести, што не значи дека нема да има и штрајк“,
изјави Димитриевски, пренесе ТВ Телма.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, вели дека околу две илјади вработени во „Пошти“ овој месец се оставени без плати и дека без никакви приходи ги дочекале сите празници.
Според Трендафилов, вработени протестираат во сите филијали на „Пошти“ низ државата, додавајќи дека се одлучни да не отстапат од нивните барања.
„Додека ние се подготвуваме да протестираме за зголемување на платите, овие луѓе протестираат за исплата и на така ниската плата што ја имаат“,
рече Трендафилов.
Тој упати порака до раководството на „Македонски пошти“ и рече дека ако некој не е способен да ја води компанијата нека си замине.
„Ако некој смета дека не е способен да ја води ‘Пошта’ нека си замине и нека дојде некој поспособен, меѓутоа во никој случај не смее да ги остави луѓето без плата. Срамота е да ги оставите без плата, а во исто време да се однесувате како ‘шерифи’ по ‘Пошта’ и да правите притисоци врз луѓето и да ги спречувате да протестираат“,
изјави претседателот на ССМ.

За потсетување, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) донесе одлука в среда да излезе на на протест на кој ќе го изрази незадоволството поради неисполнетото барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите други плати за 100 евра. Синдикатите ги повикаа сите работници на кои не им е зголемена платата да се приклучат на протестот чиј почеток е закажан во 17 часот пред зградата на ССМ во Скопје.
Што се однесува до „Македонски пошти“, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско гостување на 2 јануари најави реструктуирање на акционерското друштво и обновување на возниот парк на „Пошти“, што, според него, ќе доведе до нејзин раст и зголемена профитабилност.
Според него, актуелната влада успеала да ја консолидира компанијата без да отпушта вработени во неа, а редовно, како што кажа, се исплаќаат и платите и сите други законски права што им следуваат на вработените.
Говорејќи за осовременувањето на возниот парк, Николоски рече дека на „Македонски пошти“ ќе ѝ бидат донирани 100 комби-возила, од кои 90 ќе бидат помали и 10 големи. Тој најави и воведување ново софтверско решение и законски измени што ќе ѝ помогнат на компанијата дополнително да расте.
