Во период од пет месеци, вработената во повеќе наврати барала од граѓаните да ѝ дадат пари на рака при поднесување на барање за издавање патна исправа и лична карта, велејќи дека ПОС-терминалот за плаќање со платежна картичка во моментот не е во функција
Вработена во Отсекот за управни работи Штип за Виница при Министерството за внатрешни работи (МВР), во периодот од јануари до мај годинава во повеќе наврати барала од граѓаните да ѝ дадат пари на рака при поднесување на барање за издавање патна исправа и лична карта, велејќи дека ПОС-терминалот за плаќање со платежна картичка не е во функција.

Вработената, како што соопштија од МВР, го искористила непознавањето на законските прописи од страна на граѓаните и на овој начин, противправно и на штета на државниот буџет се стекнала со 600 000 денари.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Н. Л., вработена во Отсек за управни работи Штип за Виница, поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело ‘проневера во служба’ по член 354 став 5 вв став 1 и 2 вв чл.45 од Кривичниот законик“,
соопштија од Министерството.
Дополнително, од МВР додаваат дека ќе биде покрената и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а вработената ќе биде суспендирана од работното место до завршување на дисциплинската постапка.