Обвинетиот, иако ги вратил средствата, судот утврди вина и му изрече условна затворска казна во траење од две години, која нема да се изврши ако во наредните четири години не стори ново кривично дело

Основниот суд во Прилеп му изрече условна затворска казна во траење од две години на вработен во прилепската болница кој во периодот од август 2024 до април 2025 година противправно присвоил 2 110 640 денари наплатени од пациенти.
Како што соопшти Управата за финансиска полиција, службеното лице од ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ сторило кривично дело проневера во службата, согласно член 354, став 2, во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, иако ги вратил средствата, судот утврди вина и му изрече условна затворска казна во траење од две години, која нема да се изврши ако во наредните четири години не стори ново кривично дело.
„Овој случај е дел од пошироката истрага на Управата за финансиска полиција, која со месеци го анализираше финансиското работење на прилепската болница и истовремено ја потврдува нашата заложба за борба против корупцијата и злоупотребата на јавни средства. Враќањето на парите не ослободува од одговорност, правдата мора да биде еднаква за сите. Оштетувањето на јавниот буџет, особено во здравствениот сектор е недозволиво и секој обид за прикривање или игнорирање на вакви постапки претставува закана за довербата на граѓаните во институциите“,
се вели во соопштението од Управата.