Кривични пријави се поднесени против пет лица, меѓу кои двајца директори на Агенцијата за храна и ветеринарство З.А. и Н.Б. кои ги одобриле ваквите дејствија додека биле на функцијата
Петмина вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) заработија кривични пријави поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.

Првопријавен е Р.Е. (51) од село Слупчане вработен во кумановската подружница на АХВ. Тој, како што наведуваат од МВР, во периодот од 1 декември 2018 година до 30 април 2024 година воопшто не доаѓал на своето работно место како помлад референт-архивар, а редовно земал плата и придонеси.
Таквата пракса свесно ја дозволиле двајца директори на АХВ.
„Второпријавениот З.А. (59) од Скопје вршител на должноста директор на АХВ до 14.12.2020 свесно дозволил првопријавениот да прима плата и придонеси иако не ги извршувал своите работни задачи. Третопријавениот Н.Б. (61) од Битола, вршител на должноста директор во АХВ, од 15.12.2020 до 3.7.2024 дозволил да се продолжи со исплатата на плати на Р.Е. кој не се појавувал на работа во текот на целиот свој работен ангажман“,
наведуваат од МВР.
Кривична е поднесена и против раководителот на одделението за финансии при АХВ, 59-годишниот А.Б. од Скопје, кој од декември 2018 до април 2024 година, без да изврши проверка на редовноста, потпишувал финансиски извештаи и одобрил исплата на плати и придонеси за вработениот иако не бил во списоците за присутност.
„Петтопријавениот С.К. (58) од Штип вработен како раководител на одделение во Агенцијата, од декември 2018 до април 2024 година не презел мерки за спречување на незаконитата состојба во врска со првопријавениот“,
додаваат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР посочуваат дека со ваквите дејствија на вработениот противправно му биле исплатени 1 159 081 денар (18 837 евра), а државниот буџет бил оштетен за сума од 27 347 евра.