Засега нема информации колку лица имало во возилото и дали има евентуални настрадани во сообраќајната несреќа
Патничко возило денеска изгубило контрола, се излизгало од коловозот и паднало во реката Радика, во близина на Бигорскиот манастир, соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Случајот, според ЦУК, бил пријавен попладнево во 15:48 часот во дежурниот центар Е-112 Охрид.
Засега нема информации колку лица имало во возилото и дали има евентуални настрадани во сообраќајната несреќа.
По добиената пријава, Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово телефонски контактирал со пријавителот, кој кажал дека возилото се движело со поголема брзина и во еден момент изгубило контрола, почнало да се лизга на коловозот, по што се превртело и паднало во реката Радика, на локација после манастирот „Свети Јован Бигорски“.
Како што информираат Центарот за управување со кризи, на местото веќе се пристигнати полициски екипи од Полициската станица Ростуше, а дополнително се упатени и припадници на гостиварската Територијална противпожарна едница, како и екипа на Итната медицинска помош од Ростуше.
„За настанот веднаш биле известени полициските службеници од ПС Ростуше, кои ја потврдиле информацијата и излегле на лице место, каде се наоѓа и командирот на ПС Ростуше со екипа. Исто така, веднаш е известена Територијалната противпожарна единица Гостивар, од каде е испратена екипа со две противпожарни возила и четворица пожарникари за интервенција. Известена е и Итната медицинска помош од Ростуше, која исто така испратила екипа на терен“,
се наведува во соопштението од ЦУК.
