Додека го возел „пасатот“ на татка си по улицата „Народен фронт“ во Скопје, 18-годишникот непрописно се поместил во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента и се движел со неприспособена брзина. Откако удрил во сега веќе починатата Љуба Јаковлеска, го напуштил местото без да ѝ укаже помош
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага и предложи притвор за 18-годишникот кој вчера со „фолскваген пасат“ удри во 79-годишна жена во Скопје, која подоцна им подлегна на повредите. По тинејџерот, кој моментално е во бегство, ќе биде распишана и меѓународна потерница.

Обвинителството го гони за две дела – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Изнесувајќи детали за сообраќајката со смртни последици, од ОЈО Скопје наведуваат дека 18-годишникот возел непрописно и без важечка возачка дозвола. Додека го возел „пасатот“ на татка си по улицата „Народен фронт“ во Скопје, непрописно се поместил во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента и се движел со неприспособена брзина.
„При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да ѝ укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде што и покрај укажаната медицинска помош починала“,
наведуваат од ОЈО Скопје.
Освен 18-годишникот, во рамките на истрагата на скопското обвинителство се осомничени уште две лица, маж и жена, кои му помогнале да ја напушти државата по извршувањето на делото. Со својот автомобил го пренеле преку граничниот премин „Табановце“. По враќањето во земјава тие се приведени, а јавен обвинител до судија на претходна постапка веќе достави предлог за определување притвор.
Притворот за 18-годишникот ќе почне да се спроведува по неговото пронаоѓање и приведување.
Според наводите што претходно денеска ги изнесе МВР, тинејџерот ја напуштил државата заедно со својот татко.
