Полицијата го пронашла осомничениот Г.А. и го привела околу 2 часот утринава во Македонска Каменица, при што било утврдено дека има 1,99 промили алкохол во крвта
Педесет и едногодишен возач од Македонска Каменица е приведен откако вчеравечер околу 23 часот со автомобил „мерцедес“ со италијански регистарски таблички удрил во 13-годишно девојче и побегнал.

Од ударот девојчето се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено во Клиничката болница Штип за укажување помош. Полицијата го пронашла осомничениот Г.А. и го привела околу 2 часот утринава на улицата „Каменичка“ во Македонска Каменица, при што било утврдено дека е под дејство на алкохол.
„Во крвта му биле измерени 1,99 промили алкохол“,
наведуваат од МВР.
Мажот бил задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава за сторено кривично дело безобѕирно управување со моторно возило.