Ракетата била пресретната над област во Газиантеп, на југот на Турција
Турското Министерство за одбрана соопшти дека воздушните сили на НАТО денеска пресретнале балистичка ракета лансирана од Иран кон Турција. Ракетата била пресретната над област во Газиантеп, на југот на Турција. Засега нема пријави за жртви или предизвикани штети.

Во соопштението на турското министерство се повикуваат сите страни, особено Техеран, да се воздржат од дејствија што би можеле да ги загрозат цивилите и да ја поткопаат регионалната стабилност. Дополнително, се посочува дека Анкара е решителна во заштитата на својот воздушен простор и граничната безбедност, истовремено предупредувајќи дека мора да се избегне понатамошна ескалација во регионот.
Потврда дека била денеска била пресретната ракета лансирана кон Турција стигна и од НАТО.
„НАТО повторно пресретна ракета насочена кон Турција. НАТО цврсто стои во својата подготвеност да ги брани сите сојузници од каква било закана“,
напиша портпаролката на Алијансата, Алисон Харт, во објава на Икс.
NATO has again intercepted a missile heading to Türkiye. NATO stands firm in its readiness to defend all Allies against any threat
— NATO Spokesperson (@NATOpress) March 9, 2026
Од Иран засега нема коментар во врска со наводите за нападот.
Инаку, ова е вторпат НАТО да пресретне ракета лансирана кон Турција од почетокот на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Првиот пат се случи пред пет дена, кога воздушните сили на Алијансата ја собориле ракетата пред да влезе во турскиот воздушен простор.
