Претходно ОЈО Скопје соопшти дека отворило истрага за сообраќајката и објави детали од досега прибраните докази. Момчето, наведоа од обвинителството, возело со 0,57 промили алкохол во крвта, се движело над дозволената брзина од 50 километри на час и поминало на црвено светло на семафор кај трговскиот центар „Лиса“
Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на скопското обвинителство и му одреди 30-дневен притвор на 21-годишното момче кое во вторникот вечерта во Ново Лисиче со својот автомобил удри во друго возило чии возач загина на самото место.
Од судот велат дека одредиле притвор поради опасност од: бегство, влијание на сведоци и можност да го повтори делото.
Претходно, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопшти дека отворило истрага за сообраќајката и објави детали од досега прибраните докази. Момчето, наведоа од обвинителството, возело со 0,57 промили алкохол во крвта, се движело над дозволената брзина од 50 километри на час и поминало на црвено светло на семафор кај трговскиот центар „Лиса“.
„Кога се приближил до крстосницата со сервисна улица што води кон трговскиот центар ’Лиса‘, тој навлегол во крстосницата на вклучено црвено светло кое означувало забрана за минување во неговиот правец на движење. Со предниот дел на возилото осомничениот удрил во страничниот лев дел на автомобил ’фолксваген поло‘ со скопски регистарски ознаки, кој се движел од сервисната улица кон булеварот. При несреќата, возачот на автомобилот ’фолксваген‘ се здобил со тешки телесни повреди и починал на самото место, а неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот, се здобила со тешки телесни повреди“,
наведоа од ОЈО Скопје.
Во истрагата момчето е осомничено за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.