Возачите ќе можат да управуваат мотоцикли со автоматски менувач до 125 кубни метри и сила до 11 киловати, доколку имаат наполнето 23 години возраст, поседуваат возачка дозвола од Б-категорија најмалку пет години и ќе треба да поминат четиричасовна теоретска обука во автошкола за безбедно управување со мотоцикли

Пратеничката група на ЗНАМ, поддржана од пратениците на владејачкото мнозинство, поднесе предлог за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Со овие измени се предвидува олеснување на процедурите за управување со мотоцикли од категоријата А1 за лицата кои веќе поседуваат возачка дозвола за автомобил, односно Б-категорија.
Според предлогот што го презентира пратеникот Павле Арсовски, возачите ќе можат да управуваат мотоцикли со автоматски менувач до 125 кубни метри и сила до 11 киловати, доколку имаат наполнето 23 години возраст, поседуваат возачка дозвола од Б-категорија најмалку пет години и ќе треба да поминат четиричасовна теоретска обука во автошкола за безбедно управување со мотоцикли.
„Целта на овој закон е да ги мотивираме граѓаните да ги заменат своите автомобили со мотоцикли“,
истакна Арсовски.
Новото решение, рече Арсовски, ќе придонесе во намалување на сообраќајниот хаос во урбаните средини и метежите при паркирањето. Исто така, ќе има бенефит и во намалувањето на загадувањето на воздухот со помали емисии на штетни гасови. Арсовски рече дека ова законско решение ќе придонесе и во подобрувањето на економичноста, особено во услови на раст на цените на горивата.
Откако законот ќе стапи во сила, министерот за внатрешни работи има рок од 15 дена да ги пропише содржината на обуката и формата на потврдата што ќе ја издаваат автошколите. Автошколата ќе треба да го извести МВР за секој кандидат што ја поминал потребната четиричасовна обука.
