Од МВР информираат дека во тек е увид на местото на несреќата, а истовремено се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот
Велосипедист попладнево е усмртен во сообраќајна несреќа во центарот на Скопје, откако во него удрило возило, чиј возач побегнал од местото на настанот, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, околу 12.30 часот во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје било пријавено дека на булеварот „Гоце Делчев“ се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки и велосипедист.
Според МВР, од ударот, лицето со велосипедот починало на самото место.
Зад воланот на „пасатот“, пак, било машко лице, кое по несреќата го оставило возилото и побегнало.
Од МВР додаваат дека е во тек увид на местото на несреќата, а истовремено се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот.
