Движењето во шумски подрачја ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на „Национални шуми” за подрачјето со кое стопанисуваат
Во периодот од 1 јули до 31 август се воведува и летен режим на сообраќај на државните патишта со кој се забранува движење на тешки товарни возила со маса над 15 тони во деновите од викендот и во деновите при екстремно високи температури
Од 1 јули до 31 август се воведува целосна забрана за движење во шуми и шумски подрачја со кои стопанисува Јавното претпријатие „Национални шуми“ поради опасност од појава и ширење на пожари на отворен простор во летниот период, Движењето во шумски подрачја ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на „Национални шуми” за подрачјето со кое стопанисуваат и управуваат.

Граѓаните кои нема да ја почитуваат забраната и кои ќе бидат затекнати како се движат на шумски подрачја ќе бидат парично казнети со 1 500 до 2 000 евра во денарска противвредност, според член 106 од Законот за шумите.
Забраната нема да важи за вработените во „Национални шуми”, вработените во МВР, Министерството за одбрана, Шумска полиција, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, субјектите што вршат шумскостопански активности сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти на површините со кои стопанисува „Национални шуми”, припадниците на ловочуварската служба и службени лица од корисниците дивеч во ловиштата кои вршат работи за корисникот на дивеч во ловиштето.
Покрај забраната за движење во шуми, во периодот од 1 јули до 31 август се воведува и летен режим на сообраќај на државните патишта со кој се забранува движење на тешки товарни возила со маса над 15 тони во деновите од викендот и во деновите при екстремно високи температури. Забраната ќе важи во петок од 17 до 22 часот, сабота од 9 до 18 часот и недела од 9 до 22 часот.
На магистралниот пат А2 делница Скопје-Охрид-Скопје (со важност до 1 септември) се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите – во петок од 15 до 22 часот, сабота од 7 до 12 и од 18 до 24 часот и недела од 7 до 22 часот.