Повеќе од еден век Тајланд и Камбоџа го оспоруваат меѓусебниот суверенитет на неколку точки по должината на копнената граница долга 817 километри, што доведе до седумдневен вооружен конфликт во 2011 година
Вооружен судир избувна меѓу Тајланд и Камбоџа рано утрово, соопштија армиите на двете земји, обвинувајќи се меѓу себе дека првите истрели дошле од другата страна, јавуваат светските медиуми.

Според извештаите, најмалку двајца тајландски цивили се убиени, а двајца други се повредени во гранатирања што утрово ги извршила војската на Камбоџа, навел нејзин службеник, додека, пак, од друга страна тајландската армија соопшти дека започнала воздушни напади врз воени цели во Камбоџа.
Тајландската војска, како што пренесува „Гардијан“, соопштила дека испратила еден авион од типот Ф-16 кој нападнал и уништил воена цел во Камбоџа, како и оти уште неколку авиони се во состојба на готовс да бидат распредени вдолж границата меѓу двете земји.
„Користевме воздушна моќ против воени цели како што беше планирано“,
изјавил за новинарите заменик-портпаролот на тајландската армија, Рича Суксуванон.
Влијателниот поранешен премиер на Камбоџа, Хун Сен, инаку татко на актуелниот шеф на владата на земјата, Хун Манет, рекол дека две провинции во Камбоџа биле гранатирани од тајландската војска.
„Камбоџа отсекогаш заземала став за мирно решавање на проблемите, но во овој случај немаме друг избор освен да одговориме со вооружени сили против вооружената агресија“,
изјавил Хун Манет во соопштение објавено на социјалните мрежи.
Инаку, вооружените судири меѓу тајландските и камбоџанските трупи избувнале вдолж спорниот дел од нивната граница, при што двете земји се обвинуваат една со друга дека го испоровоцирале судирот.
Тајландската војска во соопштението наведува дека вооружените сили на соседна Камбоџа отвориле оган врз спорната погранична област во близина на храмот Та Моан Том, на околу 360 километри од главниот град Бангкок.
Камбоџа, од своја страна, ги негира ваквите тврдења, наведувајќи дека тајландската војска го започнала првиот вооружен напад.
Во меѓувреме, тајландската војска соопшти дека ги затворила сите гранични контролни пунктови и дека се водат борби на шест различни локации.
Според Министерството за надворешни работи на Тајланд, војската на Камбоџа започнала напади насочени кон цивилни области во Тајланд, вклучително и болница, предизвикувајќи жртви.
Претходно денеска властите во Камбоџа соопштија дека ги сведуваат дипломатските односи со Тајланд на најниско ниво и дека го протеруваат тајландскиот амбасадор. Ова следува како одговор, откако Тајланд вчера ги затвори сите гранични премини со својот сосед, го повлече својот амбасадор и го протера дипломатскиот претставник на Камбоџа.

Ваквиот потег, според тајландските власти, е во знак на протест поради експлозија на мина во која биле повредени петмина нејзини војници.
Непријателствата меѓу Камбоџа и Тајланд, кои тлееја во последните месеци, првично беа разгорени откако еден камбоџански војник беше убиен во мај во вооружен судир во област која двете земји ја сметаат за своја.
Повеќе од еден век Тајланд и Камбоџа го оспоруваат меѓусебниот суверенитет на неколку точки по должината на копнената граница долга 817 километри, што доведе до седумдневен вооружен конфликт во 2011 година.
Гувернерот на тајландската покраина Сурин, Чамнан Чуента, ги повика жителите во објава на Фејсбук да се засолнат во своите домови и да се подготват за евакуација.