„Мојот впечаток е дека мнозинството од академската заедница го поддржува законот, за разлика од една помала група која навистина, еве, бара повлекување“, вели министерката за образование Весна Јаневска, која во емисијата „360 степени“ рече дека е дојдено време да се врати довербата во универзитетите

Воопшто не размислувам за повлекување на законот. Вака одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска прашана за реакциите за нацрт-законот за високото образование, кој беше објавен пред три недели и во моментов е најкоментираниот нацрт-акт на платформата ЕНЕР.
Повици за повлекување на законот стигнаа од опозицијата, конкретно од СДСМ и од Левица. Но, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Јаневска рече дека не го дели мислењето оти има лавина реакции.
„Напротив, мојот впечаток е дека мнозинството од академската заедница го поддржува законот, за разлика од една помала група која навистина, еве, бара повлекување. Би сакала да им објаснам која е поентата на овој закон и зошто одлучувам да не го повлечам. Сметам дека е дојдено време кога универзитетите и општеството треба да се обединат за да направат нешто што се вика јавно добро или општо добро во државата. Според Magna Charta Universitatum, чии потписници сме и ние, универзитетите имаат јавна одговорност да создадат компетентни луѓе, но и емпатични, морални граѓани на општеството, за добробит на целото граѓанство на една држава, но и на светот. Оттука, дојдено е време да се врати довербата во универзитетите, која е релативно разнишана, и тие заедно со целокупното општество да почнат да си ја остваруваат својата функција, иако не дека и досега не ја остварувале“,
рече Јаневска.
„Ова е повеќе закон за научноистражувачка дејност отколку закон за високо образование“. Вакви се дел од коментарите за нацрт-законот што го отвора прашањето – дали тој навистина се фокусира пред сè на квалитетна настава и студии што ќе продуцираат квалитетни кадри или на придвижување на нашите универзитети на Шангајската листа преку научни трудови што ќе се објавуваат во меѓународно индексирани списанија.
На ова Јаневска вели дека образовната или наставната дејност е неодвоива од научноистражувачката во системи каков што е нашиот.
„Да, во одредени држави, на пример, во Америка, има т.н. факултети што се бават само со настава, има универзитети за применети науки, значи стручно ориентирани, и има научноистражувачки. Меѓутоа, онака како што ние со години сме го поставиле системот и со оглед дека не сме во можност да применуваме во моментот таква реформа, сметаме дека е најнеопходно да остане така како што е во повеќето европски земји каде што ние целиме да стигнеме, односно да ги постигнеме тие стандарди – универзитетите да останат центрите, леглото, и на знаењето и на науката. Затоа што и кога ги бираме во звање, и мене кога ме бирале во звање, ме бирале во наставно-научно звање, и ние со тоа сме се согласиле. Овие два дела се неодвоиви оти пренесувањето на знаењето кон студентите потекнува од знаењето на професорот. Ако професорот не се унапредува, тој не може да пренесе современи знаења на студентот“,
вели министерката.
На прашањето дали еден професор повеќе се унапредува присуствувајќи на меѓународни конференции, имајќи пристап до релевантни бази на научни трудови, комуницирајќи со колеги, имплементирајќи современи алатки во наставата или пишувајќи научни трудови, Јаневска одговори дека смета оти не може да се напише научен труд ако не сте во тек.
„Односно, вие можете да напишете научен труд и да го објавите во локално списание за оние луѓе кои ќе добијат информации од вас, а ги немаат светските, да речеме, информации. Токму затоа Министерството одвои големи средства за да ги направи достапни базите Web of Science и Scopus за нашата научноистражувачка фела. Не може да напишете труд и да објавите во меѓународно индексирано списание, и со најмал фактор на влијание, ако не ги следите модерните трендови или ако не обработувате тема која е сè уште непозната во широката јавност и која треба, нели, да стане дел од научното истражување и во одредена држава, и на локално ниво, но и на светско ниво. Базите Scopus и Web of Science се бази каде што цел свет побарува да види што се случува, што е интересно во моментот во светот“,
рече таа.
