„Станува збор за важни односи и мислам дека тоа што досега престојуваше таму неколкупати откако ја презеде премиерската функција само зборува за блискоста на овие односи и за многуте начини на кои ние како САД и Северна Македонија можеме билатерално да соработуваме. Затоа со нетрпение очекувам нивно зацврстување“, изјави денеска американската амбасадорка во земјава
Соединетите Американски Држави (САД) не даваат гаранции за патот кон ЕУ затоа што не се членка на Европската Унија, изјави денеска американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, но рече дека е воодушевена што премиерот Христијан Мицкоски е во нова посета на Вашингтон.
Американската амбасадорка ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои гаранции може да ги даде Вашингтон во однос на евроинтеграцискиот пат на земјава, имајќи предвид дека нив изминатиов период ги бараат властите во Скопје, со аргументација дека тоа би му дало извесност на процесот на пристапување на земјава кон Унијата.
„Мислам дека тоа е дискусија која се води и се водела со високи функционери на Европската Унија, но ќе кажам дека сум воодушевена што премиерот и членови на неговиот кабинет се во Вашингтон. Станува збор за важни односи и мислам дека тоа што досега престојуваше таму неколкупати откако ја презеде премиерската функција, како и други министри, само зборува за блискоста на овие односи и за многуте начини на кои ние како САД и Северна Македонија можеме билатерално да соработуваме. Затоа со нетрпение очекувам нивно зацврстување“,
изјави американската амбасадорка во земјава, која денеска присуствуваше и имаше свое обраќање на свеченото примопредавање на мобилно оперативно возило, донација од САД за Црвениот крст на РС Македонија.
Премиерот Мицкоски од денеска, па до 22 јануари ќе престојува во главниот град на САД, каде што ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција, а според владин извор тој треба да има и обраќање во рамките на настанот.
Дека премиерот патува за Вашингтон, вчера потврди и владината портпаролка Марија Митева, без да наведе повеќе детали.
Според неа, премиерот за време на посетата на Вашингтон се очекува да има билатерални средби, а за дополнителни информации, како што кажа таа, јавноста ќе биде информирана во текот на наредните денови.
На веб-страницата за конференцијата може да се види дека на листата на говорници на настанот се американскиот дипломат Ричард Гренел, кој е претставник за специјални мисии на претседателот Доналд Трамп, лекарот, пронаоѓач и научник Роберт Малоун кој за време на короната беше обвинет за ширење дезинформации за вакцините, како и поранешниот висок советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон.
Како дел од многубројните говорници се најавуваат и актуелниот премиер на Словачка, Роберт Фицо, поранешната премиерка на Велика Британија, Лиз Трас, потоа поранешниот премиер на Полска Матеуш Моравјецки и Џордан Бардела кој ја предводи екстремната десница во Франција, заедно со Марин Ле Пен.
Инаку, ова е трето патување на Христијан Мицкоски за Вашингтон откако стана премиер. Првото патување во Соединетите Американски Држави беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а втората посета се случи во јануари годинава, кога премиерот беше во Вашингтон по повод инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.