Откако високото загадување на воздухот во Карпош, Лисиче и Тетово ги активираше владините вонредни мерки и препораки, Град Скопје информира дека интервентните мерки стапуваат во сила од 18 часот, а ќе важат сè до моментот кога ќе се намали загадувањето под прагот на алармирање од 175 mg/m3.
Со вонредните мерки се предвидува:
– Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници
– Прекин на сите градежни активности на градилиштата под надлежност на Градот.
– Цената на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од овој момент двојно се зголемува и тоа важи сè до укинувањето на итните мерки.
– Интензивирана контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
– Градот го задолжува ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и препорачува на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.
– Град Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје.
– Се апелира до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.
– Се повикуваат Градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
– Се повикува Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот.
– Градот го повикува Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
– Градот бара од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
– Градот бара од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.