Во земјата досега се регистрирани 609 случаи на коронавирус, а кабинетот на Еди Рама бара вонредните мерки да траат до 23 јуни
Албанската Влада му достави на парламентот предлог-одлука за продолжување на вонредната состојба во земјата до 23 јуни поради кризата со ковид-19.
Ако парламентот ја изгласа одлуката, ќе останат на сила преземените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.
Албанија на 24 март прогласи вонредна состојба поради природна катастрофа на целата територија на земјата, и тоа за период од 30 дена.
Како што стои во предлог-одлуката, владата бара продолжување на вонредната состојба по предлог на министерката за здравство и социјална заштита и државниот министер за обнова, а поради пандемијата од ковид-19.
Меѓуминистерскиот комитет за граѓански вонредни состојби и сите државни и јавни институции се должни доследно да ја спроведуваат оваа одлука, која стапува во сила веднаш откако ќе биде изгласана во парламентот и објавена во „Службен весник“.
Инаку, иако со бавно темпо, билансот на заразените од ковид-19 во Албанија се зголемува. Во последното деноноќие дијагностицирани се 25 нови случаи или за три повеќе од вчера, со што вкупниот број на инфицирани е 609 лица.