„ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, се вели во соопштението од партијата
Политичката партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ), ја поздравува, како што велат оттаму, можноста за дијалог околу важните реформски закони и процеси во државата, што треба да бидат тема на меѓупартиската лидерска средба што ја најави и за утре ја закажа премиерот Христијан Мицкоски.

Од партијата упатија и апел, односно барање, агендата на лидерската средба да биде дополнета и на неа освен за најавените теми да се разговара и за промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе една изборна единица, како и 50 отсто од кандидатите на изборните листи да бидат жени.
„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за: Промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе изборен модел со една изборна единица“,
се наведува во соопштението од партијата.
Аргументирајќи го своето барање, од ДОМ велат дека како партија остануваат на своите заложби и иницијативи за една изборна единица, бидејќи сметаат дека ваквата промена на изборниот модел ќе обезбеди подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин.
„Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите — без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од различни делови на државата. Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување. ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови“,
се вели во партиското соопштение.
Дополнително, оттаму наведуваат дека 50 проценти, односно половина од кандидатите на изборите треба да бидат жени бидејќи, како што додаваат, родовата еднаквост не е само бројка, туку цивилизациска вредност.
„Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и принципи на инклузивност“,
додаваат од ДОМ.
Според ДОМ, нивните барања не се од партиски интерес, туку станува збор за општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок, да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот.
Како што велат оттаму, промената на изборниот модел во една изборна единица ќе им овозможи на сите политички субјекти рамноправно да ги презентираат и промовираат своите програмски определби пред сите граѓани, а сето тоа ќе придонесе и за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.
Во таа насока, од ДОМ ги повикуваат власта и сите парламентарни групи да излезат од, како што велат од партијата, своите удобни позиции и да го прифатат нивното барање и заложба за рамноправен простор за сите политички субјекти.
„ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“,
порачуваат оттаму.

Освен партиите од владиното мнозинство, своето учество на најавената лидерска средба за утре го потврди опозициската Левица, чиј пратеник Амар Мециновиќ вчера изјави оти сметаат дека сега е време да се влезе во конструктивен дијалог и да се создаде демократска атмосфера за време на избори. Во оваа насока, како што кажа тој, ќе бидат и нивните барања.
Една од темите во фокус на средбата ќе биде укинување на техничката влада, која се избира на 100 дена пред парламентарни избори. Левица најави дека прифаќа укинување на техничката влада, но смета оти тоа ќе биде прифатливо само доколку се воведе една изборна единица и се обезбеди еднаков пристап до медиумско претставување за сите политички субјекти во предизборието.
Дали ќе учествува на лидерската средба денеска треба да соопшти опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), по редовната седница на Генералниот совет на партијата.
Поканата за учество на лидерска средба претходно изрeчно ја одби опозицискиот СДСМ.
Партискиот лидер Венко Филипче му порача на Мицкоски дека нема намера да седи на иста маса со криминалци, додавајќи дека е против укинување на техничката влада, за која рече дека е гаранција за одржување чесни и фер избори. Во однос на реформската агенда, која ќе биде една од темите на разговор на лидерската средба, Филипче рече дека дискусијата ќе се води во парламентот, каде што СДСМ ќе ги поддржи сите реформски закони.
