Инцидентите доаѓаат во период кога дипломатите се обидуваат да договорат преговори меѓу Вашингтон и Техеран за иранската нуклеарна програма, а американскиот претседател Доналд Трамп испрати предупредување дека „веројатно ќе се случат лоши работи“ ако не се постигне договор
Војската на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека денеска соборила ирански дрон кој се приближил до носачот на авиони „Абрахам Линколн“ во Арапското Море, пренесоа светските медиуми.

Според американската војска странува збор за ирански дрон „Шахед-139“ кој летал кон носачот „со нејасна намера“, а бил соборен од борбен авион „Ф-35Ц“, кој дејствувал во самоодбрана за да го заштити носачот и неговиот екипаж.
Портпаролот на Централната команда на САД, капетанот на морнарицата Тим Хокинс, изјави дека во инцидентот нема повредени американски војници, ниту е оштетена американската воена опрема.
Инцидентот доаѓа во период кога дипломатите се обидуваат да договорат преговори меѓу Вашингтон и Техеран за иранската нуклеарна програма, а американскиот претседател Доналд Трамп испрати предупредување дека „веројатно ќе се случат лоши работи“ ако не се постигне договор.
Ударната група околу носачот на авиони „Абрахам Линколн“ е највидливиот дел од растечкото американско воено присуство на Блискиот Исток, што уследи по насилното задушување на антивладините протести во Иран минатиот месец, кои се оценуваат како најсмртоносните внатрешни немири во земјата од Исламската револуција во 1979 година.
Централната команда на САД (CENTCOM) денеска извести за уште еден инцидент, што се случил неколку часа подоцна во Ормутскиот теснец, кога силите на Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) „вознемириле“ трговски брод кој пловел под американско знаме.
„Два брода на ИРГЦ и ирански дрон ‘Мохаџер’ со голема брзина се приближиле до танкерот М/В Стена Императив (M/V Stena Imperative) и се заканиле дека ќе се качат и ќе го запленат бродот“,
изјави Хокинс.
Додека тензиите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат на високо ниво, по крвавото задушување на протестите Во Иран минатиот месец, Турција се подготвува в петок да биде домаќин на двете страни, кога американскиот претставник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, треба да пристигне во регионот.
Иранската нуклеарна програма е уште едно од брањата што американскиот претседател, Доналд Трамп ги стави на својот список, како услови за одржување на какви било разговори со Техеран.
„Не можам да ви кажам што ќе правам бидејќи во моментов имаме огромна сила таму, исто како што имавме во Венецуела, само уште поголема. Тие наскоро ќе стигнат таму. Би сакал да видам преговори за договор. Не знам дали тоа ќе се случи. Но, мислам, ако знаев, не би можел да ви кажам, би бил многу глупав да ви кажам. Но, во моментов разговараме со нив. Разговараме со Иран. И ако можеме да најдеме решение, тоа би било одлично. А не можеме – веројатно ќе се случат лоши работи“,
изјави вчера Трамп.

Властите во Техеран велат дека се подготвени за преговори, но, од друга страна, ги повикуваат САД да не инсистираат на дипломатија преку закани и заплашувања.
„Подготвени сме за дипломатија, но тие (САД) треба да знаат дека дипломатијата не е компатибилна со закани, заплашување и притисок“,
изјави шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи.
Инаку, според извори од регионот, Иран барал разговорите со САД оваа недела да се одржат во Оман, а не во Турција, и нивниот да биде стеснет само на билатерални разговори за прашања поврзани со нуклеарната програма на земјата.
„Тие сакаат да разговараат со Американците само за нуклеарното досие, а САД сакаат да вклучат и други теми, како што се (балистичките ракети) и активностите на иранските посредници во регионот“,
навел изворот.
Ирански дипломатски извор претходно изјави дека Техеран не е ниту оптимист ниту песимист во врска со разговорите, додавајќи дека одбранбените капацитети на Исламската Република не се предмет на преговори и дека се подготвени за секаков сценарио.
„Останува да се види дали САД имаат намера да водат сериозни преговори, фокусирани на резултати, или не“,
рекол изворот.
