Според проценките на српските власти, на парадата присуствувале повеќе од 47 илјади луѓе
Под слоганот „Силата на единството“ во Белград се одржа воена парада, на која повеќе од 10 000 учесници презентираа околу 2 500 единици оружје и воена опрема. Според проценките на власта, на парадата присуствувале повеќе од 47 илјади луѓе.
„Ова е гордоста на Србија. Работевме на ова заедно – војници, граѓани, држава и народ. Ова е опстанок и победа на Србија, која сака мир и просперитет и знае како да го зачува своето достоинство, територија и иднина. Ова е нашата сила. Силата на единството“,
порача српскиот претседател Александар Вучиќ.

Иако парадата се одржуваше под слоганот „Силата на единството“, на свеченоста не им бил дозволен пристап на сите граѓани, пренесе Н1. Студентите во блокада и граѓаните кои ги поддржуваат на антивладините протести, биле собрани на кружниот тек кај Нов Белград, но полицијата не им дозволила да се приближат до местото каде што се одржуваше парадата.

Како што пренесе РТС, на парадата биле презентирани повеќе од 600 воени возила, 70 воздухоплови и дваесетина пловни објекти. За првпат пред јавноста биле прикажани израелските ракетни системи „ПУЛС“ и беспилотното летало „Хермес 900“ , како и дроновите „Шедоу“, и рускиот систем за електронско војување „Красух“.